Париската пожарникарска единица објави драматично видео во кое се гледа како се бореле да ја спасат катедралата Нотр Дам.

Во видеото се гледа борбата против огнот, како и снимки од воздух кои ја откриваат големината на пожарот.

Пожарникарите, по 16-часовна борба со огнената стихија, конечно целосно го изгасија пожарот во Нотр Дам. Агенциите ја пренесоа оваа информација пренесувајќи соопштение на градската пожарникарска служба.

Пожарот во париската катедрала Нотр Дам беше ставен под контрола утринава околу 3 часот, по речиси 9 часа огнена стихија, објавија париските пожарникари.

Огнот кој се разгоре вчера во вечерните часови, брзо се рашири и ја урна кулата, а потоа и целиот покрив на катедралата.

Пожарникарите успеаја да спречат уривање на главните камбанарии и да ги спасат верските реликвии и непроценливите уметнички дела.

Неколку часа откако пожарот беше ставен под контрола, почнаа да пристигнуваат информации дека пожарникарите на местото на настанот само внимаваат да не се запали нешто повторно.

Еден пожарникар е тешко повреден во пожарот и тој е засега единствената пријавена жртва.

„Најлошото е избегнато“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на местото на настанот нешто по полноќ. Тој најави почнување на кампања за собирање пари за обнова на катедралата, која се смета за еден од најдобрите примероци на француската готска катедрална архитектура.