Дали според примерот за името и придавката на државата, наскоро „нашите“ политичари може мудро да го решат проблемот со употреба на заменка? Заменката „нашата“ (или знаменце како симбол) досега најлесно им го решаваше проблемот со именката и придавката во Македонија. Па, сега за „нашите политичари“ ќе имаме и „нашата црква“ покрај веќе „нашата земја“.

Вчера претседателот Стево Пендаровски на граѓаните на Македонија им го честиташе признавањето на Охридската архиепископија од Цариградската патријаршија, но само со придавката „северна“ без придавките „македонска“ и „македонски“ православни верници.

Пендаровски упати честитка до „сите православни верници во Република Северна Македонија“, а никаде во честитката не се споменува Македонци, Македонска православна црква, македонски православни верници итн.

Ваквата честитка е со двојна намена, да се честита на православните Македонци и други православни верници во Македонија, а притоа честитката да им биде по волја и на блокот грчки цркви во православната екумена за неупотреба на придавките македонски, македонска за Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која во диптихот на православните цркви ќе биде впишана само како Охридска архиепископија.

И додека Пендаровски внимавал на придавките во верскиот дел од честитката, во секуларниот дел од честитката упатена преку неговиот профил на Фејсбук за јазикот и за историјата се „охрабрил“ да напише дека се македонски:

– Денеска бевме сведоци на историски чин за нашата македонска национална историја. Архиепископ г.г. Стефан на македонски јазик богослужеше заедно со Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и архиереите на вселенската патријаршија. Нашата црква е во канонско единство во православниот христијански свет. Благодарност до Вселенскиот патријарх г.г.Вартоломеј, објави Пендаровски.

Така сега, нашите политичари, покрај употребата на името на државата Македонија, ќе имаат „потешкотии“ и со името на МПЦ-ОА. Па, ако досега наместо името на Македонија имавме честа употреба на „нашата земја“, сега по таа насока ќе добиеме и „нашата црква“. И наместо политичарите да се мачат меѓу употребата на името и придавките, ќе си ги скратат маките со заменката „нашата“ таму каде што симболот знаменце на државата не врши работа.

(Д.Г.)