Познат холандски новинар од рубриката Црна хроника, Питер Р. де Вриес е во критична состојба откако во него беше пукано синоќа од огнено оружје во центарот на Амстердам, јавија холандските медиуми.

Де Вриес (64) беше сериозно повреден во нападот и беше пренесен во болница.

Нападот се случи само неколку минути откако тој ја напушти зградата на РТЛ каде учествуваше во популарното телевизиско шоу „Булевар РТЛ“.

Полицијата потврди дека привеле три лица осомничени за нападот.

Де Вриес се стекна со слава уште во раните 80-ти години на минатиот век кога известуваше за киднапирањето на магнатот Фреди Хајнекен.

Од 1995 до 2012 година водеше популарна емисија на холандската телевизија, која опфаќаше познати случаи од „Црна хроника“. Во врска со повеќе случаи, на Де Вриес му се закануваше криминалното подземје, а пред две години тој самиот напиша на Твитер дека полицијата го предупредила дека се наоѓа на „списокот за отстрел“ на криминалец во бегство.