Професорот Слободан Таневски, во рамки на групата на ФБ која инсистира на он лајн настава од 1 септември, објаснува зошто во нашите училници не се спроводливи било какви протоколи за заштита од Ковид 19, со оглед на тоа што една од основните мерки е одржувањето дистанца од 2 метри.
Еве слика и опис на една типична училница во нашите училишта, вели Таневски и продолжува:
„Во неа има 3 реда клупи, при што крајните редици се залепени до ѕидовите лево и десно, а помеѓу редовите има простор од половина до еден метар за поминување. Во секоја редица има по 5-6 клупи за по двајца ученици, при првите клупи се на 1-2 метри од таблата, а учениците во последните клупи седат до задниот ѕид“, истакнува Таневски.
Класична училница во македонско училиште. Ако изброите, има 15 клупи со по две столчиња, значи за вкупно 30 деца. Но, ако се почитува протоколот како што е предвидено, во оваа училница ќе може да учат најмногу 9 деца. Ако се направи место за уште едно дете, тоа значи дека ова одделние ќе треба да се подели на 3 групи.
Иста сцена во друго училиште. На фотографијата недостига третиот ред со пет клупи.
Според него, со овој распоред, училницата собира 34 ученици, колку што вообиачено имаат класовите и некои стручни училишта (во Скопје, меѓу 30 и 34 деца има во училниците и во многу основни училишта – всушност бројката над 30 деца може да се земе како стандард, освен во помалите средини каде нема доволно деца, н.з.)
За да се добие дистанца од барем 1,5 метар од ученик до ученик, иако е потребно два метри, а не како во фабриките каде протоколот на властите се задоволува и со 1 метар растојание, ќе биде потребно во секоја клупа да седи по еден ученик и секоја втора клупа да се прескокне. На тој начин, вели Таневски, во една училница ќе можат максимум да седат 8 до 10 ученици. Тој тврди дека ова е и практично проверено и реализрано при одржувањето на испити на факултетите по даден протокол од МОН.
Оваа демонстрација на Таневски окажува дека еден клас ќе треба да се подели на најмалку 3 групи кои ќе посетуваат настава во различно време. Би ја додале и можноста која се споменува од посетување настава наизменично – една недела дома, една на училиште – но таа комбинација не е баш остроумна зашто не дава доволно објаснување – ако учениците можат две недели во месецот да учат од дома, зошто да не учат целиот месец од дома.
Таневски додава уште една слабост коај произлегува од потребата да се одржи растојание меѓу учениците, а кое сепак е нужно при настава со физичка присутност на децата. На ваков начин, наставникот ќе треба најмалку три пати на ден да ја повторува истата лекција, а тоа би го дуплирало неговото работно време дури и ако часовите бидат по 20 минути (ако се четири групи, тоа значи дека секој негов час ќе треба да трае вкупно 80 минути, наместо 45 како досега). А на таквите часови кои траат по 20 минути сигурно може помалку да се научи, заклучува Таневски.