Судот ја исклучи јавноста од денешното рочиште на „Рекет“, на кое теба да бидат презентирани преостанатите три фолдери од усб-то на Зоран Милевски-Кичеец.

Судијката Васка Николовска-Масевска, одлуката ја образложи со тоа што го посочила обвинителката дека со јавното изведување ќе се наруши угледот на лица кои не се дел од овој кривично-правен настан.

Адвокатот Дељо Кадиев укажа дека членот 354 од ЗКП не предвидува исклучување на јавноста по основот на кој побара обвинителството.

Обвинителката Вилма Русковска, на почетокот предложи да се исклучи јавноста, бидејќи се слушаат имиња на луѓе на кои може да им се наруши угледот.

Обвинетата Катица Јанева го замоли судот да дозволи материјалите да бидат изведени пред јавноста.

-Нема ништо загрозувачко во тие снимки. Слушани се, ако не ги чуе јавноста кој е интересот да се слушаат, изјави Јанева.

Обвинетиот Бојан Јовановски, рече дека треба да се дозволи да бидат јавно изведени за да се прекинат шпекулациите во јавноста.

– За да се спречат било какви шпекулации од тие фамозни снимки, затоа треба да бидат јавно презентирани, изјави Јовановски.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.