Нова демистификација на лажните вести и клевети од партијата на Венко Филипче. Апелациониот суд со правосилна пресуда денеска утврдил дека СДСМ изнесувал невистини и тешки клевети за премиерот Христијан Мицкоски, без докази и без основа. Ова во пост на Фејсбук го соопшти самиот Мицкоски, објавувајќи ја пресудата со која, како што вели тој, „СДСМ и формално е судски утврден како клеветничка партија“.

„ Во политиката постојат партии што се натпреваруваат со идеи и визија и партии што опстануваат преку клевети, лаги и фабрикувани конструкции. СДСМ одамна го избра вториот пат“, коментира Мицкоски.

Тоа што со години го претставуваа како „политичка борба“, денес е официјално констатирано како недозволено и спротивно на правната држава, констатира премиерот и додава:

„Оваа пресуда јасно го разоткрива нивниот политички модел: наместо аргументи, напади; наместо програми, дискредитации; наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел да се нанесе штета“.

Мицкоски вели дека политичката критика е легитимна и потребна, но клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор.

„Македонија мора да се движи напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност, а не со фабрикации и лични напади. Оваа одлука за јасните клевети на СДСМ е жесток шамар и за сите нивни подизведувачи и гласноговорници. Истите кои ширеа гласини и правеа билборд кампања против мене“, пишува Мицкоски.

СДСМ, вели тој, избира да продолжи по тој пат на лаги, клевети и манипулации, надевајќи се дека ќе игра со чувствата на граѓаните, во ситуација кога дезинформациите и чувствата кои тие ги создаваат се побрзи од вистината и разумот.

„Тие одлучуваат да продолжат да го потценуваат сопствениот народ. Тоа не е само одлука, туку е врвно предавство на моралот и вредностите во политиката и посебен вид предавство на сопствениот народ. Тие мислат дека така ќе успеат. Но, времето ќе им докаже дека грешат. А народот ќе им докаже дека е посилен од нив и дека ваквите лаги нема никогаш да им пројдат“, заклучува премиерот.