Се поголемиот број на огласи во кои се пречкртува повисока и се става пониска цена на чинење на метар квадратен на станови во Скопје се најава за трендот на намалување на вештачки високите цени на станови за продажба на кои сведочиме периодов, објави Маркетинг365.мк
Празните станови кои зјаат во старите или новоизградените згради веќе губат од својата вредност како што изминува времето и веројатно само прашање на време е кога цените кои стигнаа и над 1.200 евра за мкв, ќе се стабилизираат и ќе почнат да одат надолу, пишува порталот повикувајќи се на мислења на експерти од оваа област.
Експертите кои Маркетинг365.мк ги консултирале од агенциите кои го следат трендот ни кажаа дека растот на цените периодов не е воден од економската логика на понуда и побарувачка, туку од порастот на цените на дел од материјалите кои се користат за градба. Со оглед на тоа што светскиот пазар на основните материјали за градба пополека почнува да се стабилизира, се очекува дека и цените на становите во Скопје ќе почнат да се намалуваат со оглед на тоа што сегашните цени се реално недостапни за повеќето од граѓаните.
-Еден нов или реновиран просечен стан со две спални од 65 метри квадратни со сегашните цени се проценува на околу 80.000 евра. Ако се земе предвид дека повеќето од домаќинствата тој стан ќе го купуваат на кредит, во просек на отплата од 20 до 30 години, вкупниот трошок ќе им испадне некоја неверојатна сума од речиси 100.000 евра. Плус на тоа треба да се додадат средствата што ќе се потрошат за уредување. Така што оваа опција е целосно неповолна ако се знае дека ист таков уреден стан може да се изнајмува за цена од 250 до 300 евра, изјавиле соговорниците за Маркетинг365.мк.
Тие дополнуваат дека со овие цени за купување и изнајмување може да се изнајми стан за наредните 30 години и секогаш по сопствена желба да може да се менува без да се почуствуваат негативните ефекти на амортизирање, што би ги имале доколку го купите на долгорочен кредит.