Премиерот Зоран Заев денеска во битолско Кравари беше пречекан со транспарент: „Кики не пие нафта“!
Тој во ова битолско село присуствува по повод доделувањето на првите персонализирани картички за покривање на 30 отсто од трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација односно тн. зелена нафта.
Поради тоа, граѓани му испратија порака дека „Кики не пие нафта“.
Алузијата на пораката од транспарентот е јасна, се однесува на рекетарските афери и прикривањето на лица од власта кои се вмешани во истите.
– Од најголемата житница во нашата земја, од Пелагонија, го промовираме почетокот на реализацијата на мерката за поевтино гориво за земјоделската механизација. За мерката од Програмата за директни плаќања обезбедивме 200 милиони денари. Толку пари ќе се вратат назад кај земјоделците. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци кои имаат градинарски и поледелски култури, лозови и овошни насади. Државата ќе покрие 30 проценти од трошоците за нафта за механизацијата, рече денеска Заев.
Заев, во битолското село Кравари, придружуван од министерот за земјоделство Трајан Димковски, ги подели првите картички за „зелена нафта“ на земјоделци.
Рече дека најголемиот трошок во производството отпаѓа токму на нафтата. Поради тоа цената на земјоделските производи е висока, а тоа ги прави неконкурентни на домашниот и на странските пазари.
-Поевтина или „зелена нафта“ земјоделците бараа повеќе од 10 години. Затоа, на почетокот на мандатот меѓу првите мерки на кои почнавме сериозно да работиме беше можноста да воведеме „зелена нафта“. Знаевме дека така најмногу ќе им помогнеме на земјоделците да ги намалат производните трошоци, да имаат порентабилно производство и да заработат повеќе. На овој начин и субвенциите кои се одвојуваат за оваа намена ќе имаат развоен ефект, бидејќи директно ќе се користат во производството и ќе создаваат нова вредност, истакна премиерот.
Субвенцијата најпрво ќе биде 30 проценти со тенденција да се зголеми до 50 отсто од малопродажната цена на горивото.
Пресметката кој земјоделец колку пари ќе има на картичката ќе зависи од видот на производството кое го пријавил за субвенции. Со персонализираната картичка и со расположливата сума ќе може да се точи исклучиво „евродизел“ за земјоделската механизација. Целта е на овој начин да се поттикнат земјоделските производители да го окрупнат своето производство.
-Согласно методологијата, пример за хектар јаболка, круша, слива, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка поддршката по хектар ќе биде 2.800 денари и во согласност со тоа колку хектари има пријавено толку ќе биде вкупната поддршка за самиот субјект. За пченица, јачмен, пченка, овес, `рж, овес, хељда изнесува 750 денари по хектар, за хмељ, лен, леќа, соја, сончоглед, добиточна репка, луцерка поддршката е 1.125 денари по хектар. Најнискиот износ ќе биде одобрен за мали производители околу 500 денари, а додека највисокиот износ е исто така лимитиран и ќе биде до 100 илјади денари, објасни Заев.
Според него, со воведувањето на „зелената нафта“ Владата го исполни ветувањето дадено кон земјоделците за ова нивно, како што повтори, најголемо барање.
-Продолжуваме да ги слушаме потребите на земјоделците за тоа каков амбиент треба да создаде Владата за да имаат рентабилно и конкурентно производство – да заработат повеќе, да се зголемува домашното производство на храна, но и да се зголеми извозот на македонски квалитетни земјоделски производи. За секоја сериозна држава производството на храна е приоритет, а земјоделските производители го имаат местото кое што го заслужуваат. Досега исплативме близу 300 милиони евра субвенции, вложивме 70 милиони евра во системи за наводнување, почнуваме капитални инвестиции во изградба на ладилници, се враќа земјата во рацете на вистинските земјоделци, а полека го решаваме и најважното прашање – пласман. За оваа Влада земјоделското производство е приоритет. Со споредба на просечните цени и денеска и оние пред две години, четири години, шест години резултатите се повеќе од видливи, потенцира премиерот.
Кога земјоделците имаат повеќе пари, тогаш сите добиваат. Сите градови во целата држава ќе почувствуваат раздвиженост на економската активност кога се земјоделците среќни и имаат повеќе пари, напомена Заев.
-Се делат првите картички за зелена нафта. Целта е поконкурентно земјоделство. Ги намалуваме трошоците и им помагаме на земјоделците. Воедно се прилагодуваме кон агрополитиката на ЕУ, рече министерот Димковски, информирајќи дека по Битола, распределбата на картичките ќе продолжи во Прилеп, Кривогаштани, Штип и Свети Николе, а во наредните денови и до другите подрачни единици.
Средствата на картичките треба да се искористат до крај на април 2020.