Евентуално вето од Софија на преговорите на Македонија би било апсурдно бидејќи е спротивно на официјално декларираната политика на Бугарија за поддршка на евроинтеграциите на Западен Балкан, оценка од бугарската експертска фела, а од Парламентот порака дека во надминувањето на недоразбирањата меѓу двете земји може да помогнат и законодавните домови.
Бугарскиот политички аналитичар Иван Крастев во изјава за бугарски медиум вчера посочи дека не очекува Бугарија да го блокира почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ бидејќи европската интеграција на Западен Балкан е стратешки важна за Бугарија, и оти при таков чекор Софија ризикува да се најде во тотална изолација во ЕУ
-Покрај тоа, токму во рамките на бугарското претседателство тоа стана приоритет за Брисел. Во оваа смисла, бугарското вето би било апсурдно. Само ќе изгледаме смешно. До вчера се боревме за отворање на ЕУ за С. Македонија, денес сакаме да ги запреме. Не дека апсурдни работи не се случуваат, но убеден сум дека ниту Владата ниту претседателот не би дозволиле Бугарија да се најде во ситуација на тотална изолација во рамките на ЕУ, вели политикологот Крастев во интервју за бугарскиот весник „Дневник“.
Во однос на отвореното писмо од триесеттина бугарски интелектуалци, историчари, научници и јавни личности против појаснувачкиот меморандум што Софија го испрати до ЕК и земјите членки, во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ, Крастев оценува дека тоа е значајно, бидејќи меѓу неговите потписници се некои од најавторитетните бугарски историчари.
-Јас не сум историчар, но сметам дека обраќањето е важно, затоа што меѓу потписниците има некои од најавторитетните имиња во нашата историска наука, бидејќи тоа јасно покажува дека историските спорови не се и не треба да бидат спорови меѓу земјите, тоа се спорови меѓу историчари. И затоа што Европа не може да не разбере ако нашиот став е дека сите нации во Европа се „природни“ и само „македонската“ е вештачка и дека само Македонците во Европа не знаат на кој јазик зборуваат, вели угледниот бугарски аналитичар.
Според него, почетокот на преговорите меѓу ЕУ и Македонија не значи дека Бугарија ги прифаќа тезите на Скопје. – Едноставно, Брисел не може да ја замени потребата од сериозна историска наука, посочува аналитичарот Крастев.
Претседателот на Комитетот за надворешна политика во бугарскиот Парламент, адмирал Пламен Манушев, пак укажува на увереноста на премиерите на Бугарија и на РепубликаМакедонија, Бојко Борисов и Зоран Заев дека во следните денови ќе се најде решение за споровите меѓу двете земји, како и дека дека парламентите на двете земји, исто така, можат да помогнат во процесот на изнаоѓање решение.
-Процесот е исклучително интензивен и се надевам дека овие работи ќе се случат во наредните денови. Премиерот Зоран Заев и нашиот премиер се убедени дека ќе се најде такво решение. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева го искажа ставот на Бугарија пред нивниот министер за надворешни работи. Цврсто се надевам дека ќе најдеме решение за овој спор и ќе го започнеме процесот, рече Манушев, јави БГНЕС.
Адмиралот Манушев изразува и изненадување од изјавата на македонскиот премиер Заев, кој тврди дека барањата на Бугарија се непријателски и неевропски и не се во духот на добрососедството. При тоа тој упатува на бугарскиот објаснувачки меморандум во кој се наведени бугарските барања и црвени линии од кои, вели, не смее да се отстапи и оти од двете страни треба да се најде компромисно решение.
Тој се согласува со тоа што премиерот Бојко Борисов му го кажал на министерот Османи дека сме должни да најдеме компромисна опција и да ги решиме спорните прашања.
Премиерот Зоран Заев викендов изјави дека за време на посетата минатата недела во Софија на министерот за надворешни работи Бујар Османи во разговорите со министерката Екатерина Захариева му биле изнесени предлози, за кои рече дека не се ниту добрососедски, ниту европски.
-И ако тоа така остане треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која што ја очекуваме во декември. Но јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ни на бугарскиот народ. Ние ќе направиме се во овие претстојни денови да изнајдеме решение рече Заев.
Во меѓувреме, по пауза од речиси една година, нова средба на Заедничката експертска македонско-бугарска комисија за историски прашања е закажана за в четврток и петок, во Скопје.
Од средбата минатата недела во Софија Османи и Захариева изразија очекување дека Комисијата ќе ја забрза работата и дека ќе успее да испорача резултати пред 10 ноември, кога во Софија треба да се одржи самит на Берлинскиот процес со кој копретседаваат двете земји. Посетата на Османи на Софија, беше најавена како претходница на средбата на премиерите на двете држави Заев и Борисов за која се уште не е утрден датум, но треба да се случи пред 10 ноември.