Пред 106 години, на денешен ден во 1912, година во Кавадарци, од предавник и врховистички платеник, на подмолен начин бил убиен Добри Даскалов, македонски револуционер и војвода, еден од најмаркантните револуционерни личности во Кавадарци.

Даскалов е роден во Кавадарци, на 13 ноември 1882 година, во свештеничко семејство. Основното образование и нижа трикласна гимназија завршил во Кавадарци, а потоа продолжил да учи во егзархиската гимназија во Солун. Од Солун своето образование го продолжил во Самоков, Бугарија, каде, во учебната 1896/1897 година, се запишал на протестантското Железарско училиште, заедно со Петар (Пешо) Самарџиев и Петар Јуруков. Tаму ја започнува својата револуционерна дејност и станува член на револуционерниот кружок „Трајко Китинчев“.

Даскалов станал член на ТМОРО во 1901 година и бил борец во четите на Јане Сандански и на Христо Чернопеев. Учествувал во грабнувањето на мис Стон, со која фамилијата Даскалови, како протестантска фамилија од порано имала добри пријателски и деловни врски.

Бил избран за делегат на Солунскиот конгрес, но не учествувал на него. Во Илинденското востание се бори во Тиквешијата. Во 1904 година учествува на Прилепскиот конгрес на ТМОРО, а во 1905 година на Рилскиот конгрес. Во 1908 година учествува на Ќустендилскиот конгрес на десницата на ВМОРО.

По Младотурската револуција, во 1909 година бил еден од основачите на Народната федеративна партија и член на нејзиното централно раководство.

Убиството го организирал Милан Ѓурлуков, а тоа било извршено од страна на Крсто Ристов, бивш четник во четата на Добри Даскалов. Тој го убил Даскалов во моментот кога пред портата на својата куќа ја земал во раце деветмесечната ќерка Невенка.