И поранешниот министер за здравство Венко Филипче се вмешува во трката за кандидат за претседател во тимот на власта, а како заслуга му се припишува „успешната борба против ковид пандемијата“ во Македонија.

Како што пишува порталот Експрес, покрај актуелниот претседател Стево Пендаровски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, екс премиерот Зоран Заев и екс министерката за одбрана Радмила Шекеринска кои и досега се споменуваа како можни кандидати за претседател на идните претседателски избори, деновиве во СДСМ се зборува за уште еден функционер кој има желба да биде кандидат и работи на исполнување на својата амбиција.

Извори во СДСМ од охридското крило на партијата тврдат дека со поддршка на Заев во игра за кандидат за претстадел е екс министерот за здравство Венко Филипче кој би бил првиот лекар на таа функција.

Според изворите на Експрес, Филипче се уште имал голем рејтинг затоа што „успешно ја минал ковид кризата“ како министер за здравство.

Изворите тврдат дека сега се чека Јавното обвинителство да покаже дека Филипче не е виновен за скандалот на Клиниката за онкологија во Скопје, по што тој јавно би можел да ги открие своите претседателски амбиции.