Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) најави штрајк во училиштата во текот на септември заради повисоки плати на вработените во образованието и за почитување на колективниот договор. Претседателот на НСОН, Томислав Гиевски, за МИА изјави дека активно работат на терен и се во преговори со училишта за окрупнување на членството за да постигнат репрезентативност и да покренат штрајк.
Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), пак, не е за штрајк и со Министерството за образование и наука веќе преговара за зголемување на платите. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, за МИА изјави дека поддржуваат сѐ што е конструктивно и аргументирано. Соопшти дека со МОН се во преговори за покачување на платите од септември за дополнителен процент на најавените 10 отсто што вработените во образованието треба да ги добијат со Општиот колективен договор (ОКД).
Гиевски од НСОН посочи дека за штрајк ќе се организираат во текот на септември и веќе испратиле повик до сите колективи во училиштата и се во преговори со нив, како што рече, да им ја дадат довербата за покренување штрајк. Нагласи дека НСОН е подготвен за штрајк, но треба да имаат повеќе членови односно дваесет отсто од вработените во секое училиште.
– Не само што размислуваме за штрајк, туку ако ја постигнеме бројката ќе има штрајк и сме 100 проценти сигурни во тоа. Има огромни можности во септември да ја постигнеме бројката и да го почнеме штрајкот поради непочитување на колективните договори. Плата добиваме по 10-ти во месецот и е многу пониска од таа што треба да ја добиваме. Просветен работник во ниеден случај не смее да добива плата која е пониска од републичкиот просек, изјави Гиевски и додаде дека и со 10-те отсто покачување на платите од септември, согласно Општиот колективен договор, платата ќе им биде пониска од просечната во државава.
На прашањето дали министерот за образование и наука е запознат со нивните барања и со одлуката за штрајк, Гиевски одговори дека средба со Јетон Шаќири имале пред околу два и пол месеца кога начелно, како што рече, ги отвориле сите теми и министерот им одговорил дека писмено ќе ги извести откако ќе разговара со правната служба. Повторна средба со министерот, пред почетокот на учебната година, рече, не побарале.
-Тогаш не добивме никаков одговор, а бевме известени дека ќе го добиеме за една недела. Сега сме известени дека е на одмор, ќе побараме средба, но во моментов сме максимално посветени на колегите што нѐ бараат да имаме состаноци, додаде претседателот на НСОН.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, пак, смета дека не постојат реални услови за штрајк за такви барања кои се наведени како причина, ниту барањата, рече, се со таква тежина за да не може да се уредат со преговори.
Неделков за МИА изјави дека СОНК е во континуирани преговори со Министерството за образование и наука просветните работници со септемвриската плата да добијат дополнително покачување од оние 10 отсто што ќе им следуваат со ОКД. Исто така, очекува наскоро да биде потпишан и нов колективен договор за основно и средно образование со што, рече, ќе се уредат многу права на вработените во дејноста образование.
Дополнителното покачување е сигурно, нагласи Неделков, и СОНК преговара со МОН колкав да биде процентот.
-Тие даваат толку колку што даваат, ние бараме повеќе. Да видиме каде ќе се сретнеме и затоа не би сакал да шпекулирам со проценти во јавноста, додаде Неделков.
Во однос на барањата на НСОН, одговори дека „СОНК ќе поддржи сѐ што е конструктивно и што држи вода“, но смета дека тој образовен синдикат „погрешно толкува одредби од колективен договор“ кога тврди дека тие се кршат.
-Тврдат дека минималната плата треба да се множи со соодветен коефициент на сложеност на работно место, што апсолутно така не пишува во колективниот договор. Ние сите би биле пресреќни да беше така, но не е така. Во јавноста се пушта таква шпекулација и се обвинува СОНК дека е сојузник на непочитување на колективниот договор. Да било така, досега барем еден член ќе тужел и ќе добиел. Но, никој не тужи од причина што не е така, изјави Неделков.
Во однос на ниските плати на просветните работници, што е исто така основа на мотивот на НСОН за покренување штрајк, Неделков рече дека „не би ја фалел Владата дека направила многу за вработените во образованието“, но дека СОНК, сепак, издејстувал 10 проценти покачување во 2020 година, 18 проценти во 2022 и ново покачување оваа година што ќе биде над 10 проценти.
-Факт е дека има инфлација, високи цени и платите се потпросечни, меѓутоа тоа што ние како синдикат континуирано го работиме треба некој да го цени. Не е доволно, но дали ние како синдикат сме виновни што платите од памтивек биле ниски и сега наеднаш, дефинитивно, не може да се исправи таа неправда, рече претседателот на СОНК.
На прашањето од МИА за став во врска со намерата за штрајк на еден од образовните синдикати, Министерството за образование и наука одговори дека „во моментов најмалку се потребни нови грижи за учениците и прекинување на нивниот воспитно-образовен процес“, имајќи предвид, како што наведе, дека е загубено многу од наставата во изминатите години поради КОВИД-пандемијата и штрајкот од минатата учебна година.
-Предизвиците мора да се надминуваат преку дискусија, за секое прашање треба да се дебатира. МОН е отворена институција и од особена важност е соработката со синдикалните организации и здруженија во кои гледаме сериозни партнери за градење квалитетен образовен систем и секогаш сме имале добра релација преку која се остварени бројни заеднички цели, посочи МОН.
Потврди и дека е во преговори со, како што наведе „репрезентативниот синдикат во образованието – СОНК“, за потпишување нов колективен договор со кој е предвидено повисоки плати за наставниците и стручните соработници и нови права и можности за нивниот кариерен и професионален развој.