Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва пред самитот на земји кои се подготвени да помогнат во гарантирањето на евентуалниот мировен договор меѓу Украина и Русија.

Франција и Велика Британија ја предводат иницијативата за формирање на таканаречена „коалиција на подготвените“, која би била составена од земји подготвени да обезбедат безбедносни гаранции во случај на прекин на огнот меѓу Русија и Украина.

Концептот треба да биде финализиран на утрешниот самит во Париз.

Западните сојузници на Украина размислуваат за мониторинг на можна демилитаризирана зона на границата меѓу Русија и Украина, според информациите до кои дојде ДПА.

Тоа би се правело првенствено од воздух и со помош на технички средства како сателити и дронови. Поморските единици би можеле да бидат распоредени и за следење на слободата на пловидба во Црното Море.

Според плановите, преку Обединетите нации може да се мобилизираат мировни сили во конвенционална смисла, составени исклучиво од војници од непартиски трети земји.

Европските сили потоа би можеле да бидат стационирани на западната граница на Украина и да понудат програми за обука за нивните украински партнери. Главниот гарант за безбедност ќе биде нуклеарната суперсила на САД.

фото: ЕПА