ЕСМ набавила гас само за првите две недели од стартот на грејната сезона, потврдија од таму за ТВ Канал 5.
Купиле 4 милиони кубни метри гас од Макпетрол, а платени се околу 6,8 милиони евра, односно 1.713 евра за 1000 метри кубни гас.
– За до крајот на грејната сезона концептот на греење, односно енергенсот, ќе се определи во зависност од тоа дали и во каков режим ќе работи гасната електрани ТЕ-ТО, која како нуспроизвод од производството на електрична енергија испорачува топлина во системот за парно греење во Скопје, велат од ЕСМ.
Преговорите за преземањето на ТЕ-ТО се уште траат. Нема ниту исход од разговорите за набавка на гас од Србија, која беше најмногу споменувана од Владата по мини регионалната турнеја.
Додека преговорите висат, единствена алтернатива за претпријатијата е да ги искористат нафтените резерви. А според информациите од 2021 година, државата најмногу има дизел, 105 милиони литри, потоа 31 милион литри бензин, 20 милиони килограми мазут и 10 милиони литри нафта за загревање.
Извор: ТВ Канал 5