Неколку децении пред Јосип Броз Тито да биде новороденче и повеќе децении пред Коминтерната да постои како политички субјект на политичката сцена, рускиот филолог Александар Востоков недвосмислено, прецизно и јасно го истакнува македонскиот јазик како посебен и различен од останатите словенски јазици, но и останатите несловенски јазици блиски до македонскиот според територијата на којашто македонскиот се употребува.
Дискретно оспорувајќи го општоприфатениот татко на славистиката Јозеф Добровски и цитирајќи го Македонецот Кузман Шапкарев, Востоков аргументирано ја застапува тезата дека татковината на старословенскиот Кирило-Методиев јазик е Македонија.
Научните тези и ставови на Александар Востоков се забележани во Рускиот филолошки весник објавен на 14 април 1888 година во Варшава. На линкот може да се прочита целосното издание на весникот скенирано и дигитализирано од Гугл.
– Во врска со прашањето за потеклото на старословенскиот јазик, (Востоков) ја поддржувал македонската теорија, сметајќи дека неговата татковина е во Македонија. Затоа, рекол Востоков, тој јазик би можело да се нарече и македонски. Но, Востоков не ја поддржувал идејата за бугарското потекло на оваа најважна научна позиција во тесната смисла на зборот, како што тврделе некои од неговите противници. Напротив, во однос на бугарскиот дијалект, според Востоков, тој би можел од древни времиња да се разликува од првиот (македонскиот) со многу важни карактеристики, и да забележиме од нас, тој се разликува од него и сега. Треба да се очекува дека порано или подоцна убедувањето на Востоков ќе биде потврдено од истражувањата не само на историските споменици на јазикот, туку и на современата структура на словенските дијалекти и особено на словенските говори во претпоставената татковина на Кирило-методиевскиот словенски јазик, стои во изданието во кое се цитира рускиот јазичар.
Александар Христифорович Востоков е роден во Аренсбург на 27 март 1781 и животот го завршил во Санкт Петербург на 20 февруари 1864. Бил славист, поет, библиотекар, археограф и еден од првите руски филолози.
Марко Петревски