Во пресрет на големиот национален празник 11 Октомври, Форумот за демократска Македонија синоќа во Вашингтон организираше вечер посветена на македонското културно наследство. Домаќин на оваа прослава беше Амбасадата на Република Македонија во САД.

– Во центарот на настанот беше предавањето за слоевитото уметничко и архитектонско наследство на Република Македонија од историчарката на уметност и член на Форумот за демократска Македонија, Анета Георгиевска-Шајн, се наведува во соопштението од Форумот за демократска Македонија .

Во своето излагање таа се осврна на различните култури кои оставиле траги на територијата на Република Македонија, почнувајќи од античкиот период, преку Византија и Отоманската империја, па се до најновата историја.

На предавањето присуствуваа бројни американски граѓани со личен или професионален интерес за балканските земји. Меѓу присутните беа и новинари, дипломати од Стејт департментот и претставници на повеќе невладини организации, како Националниот демократски институт и Меѓународниот републикански институт.

Предавањето за македонското културното наследство беше поддржанo со грант од Министерството за надворешни работи за организации во дијаспората.