Мартина Антиќ

Започна предизборното лудило во Македонија. Она што е евидентно од овие први денови е дека ќе имаме една интересна кампања во која едните ќе не убедуваат зошто треба да се гласа за консензуален кандидат, другите зошто треба да се поддржи професорката Силјановска како натпартиски човек и третите зошто треба да се бојкотира, сето тоа зачинето со многу навреди и ниски удари кои барем засега се кршат на грбот на Силјановска од страна на двата табори (консензуалистите и бојкотирачите).

Немајќи аргументи за нејзиното професионално искуство, елоквентност и ерудиција, првата канонада од напади беше за нејзиниот изглед и возраст. Типично балкански. Малку познат факт е дека дома на сите бабите и мајките ни личат на Софија Лорен и Моника Белучи, па секоја жена која што ни од далеку не наликува на нив не ги исполнува нашите стандарди за општествено политичко делување.

Другиот смртен грев на професорката е што некогаш била министер без ресор во Владата на Бранко Црвенковски и што во своето интелектуално творење била во контакт со Сорос фондацијата. Она што сите некако го заборавија е дека истата таа Силјановска беше особено гласна против Законот за територијалната организација, донесен во 2004 година од страна на Владата на СДСМ, но затоа пак им е свежо сеќавањето како во деведесетитете години имала електронска адреса на домеинот на Сорос, притоа пак заборавајќи дека во тој период само Сорос финансирале проекти во Македонија во образованието, здравството, инфраструктурата и сл. Селективната меморија во Македонија веќе станува правило, а не исклучок. Се паметат ситници од ваков тип, а се заборава нечие активно делување секогаш кога националните интереси се во прашање.

Помеѓу најгласните стигматизирачи се бојкотирачите кои до вчера се воодушевуваа и ги воспеваа сите нејзини изјави поврзани со името, идентитетот и неуставниот Закон за јазици, а денес ја спалуваат на клада затоа што се дрзнала да се кандидира за претседател. Аргументите кои што притоа ги пласираат никако не се во насока на тоа зошто треба да се бојкотираат изборите туку зошто не треба да се излезе да се гласа за Гордана – ќе положела заклетва како Претседател на Република Северна Македонија. Изостануваат и одговори на прашањата зошто треба да се бојкотира првиот круг на изборите каде што цензус не е потребен, за разлика од вториот круг каде цензусот е нужен. Нема одговор и на следното: Еве и ако се бојкотираат изборите, што понатаму? Ќе ги бојкотираме ли и оние кои ќе ги распише Талат откако ќе претседателствува 40 дена? На кој начин ќе го принудиме Заев за предвремени избори, кога тоа што ни беше пласирано изминативе две години е само самоволие, од изборот на Талат, па се до непочитувањето на волјата на граѓаните изразена на референдумот на кој што цензусот не беше исполнет? Па поголема логика има да се обединиме и да го отпоздарвиме консензуалниот кандидат на Заев праќајки го во заборав заедно со неговиот патријарх, на кој никако нема да му биде комотно ако има претседател од опозицијата кој ќе биде кочничар на сите процеси кои тек следат. И ако нивен главен аргумент за непочитувањето на волјата на граѓаните на референдумот беше дека  600 илјади граѓани гласале за промена, тогаш да видиме кој ќе им биде аргументот зошто не би распишале предверемни парламентарни избори ако исто толку граѓани гласаат за кандидатот на опозицијата.