Предизборното „орук“ пред локалните избори почнува да се слуша зачестено од власта, а како што наближува терминот за изборите наесен тоа ќе станува погласно. Денеска премиерот Зоран Заев ќе присуствува на два такви настани во Скопје, заедно со актуелниот градоначалник и иден кандидат, Петре Шилегов и со министерот за здравство Венко Филипче.

Град Скопје денеска ги почнува најавените активности за изградба на клучка помеѓу булеварите „Никола Карев“ и „8 Септември“ кај Момин поток.

По повод означувањето на почетокот на работите на кружните сообраќајни решенија кај Момин Поток заедничка прес-конференција ќе одржат премиерот Зоран Заев и градоначалниците на Град Скопје, Петре Шилегов и на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Со цел да се намали сообраќајниот метеж се предвидува изградба на два кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот „8.Септември“ и улицата „Скупи“, а вториот крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница.

Премиерот Заев придружуван од министерот за здравство Венко Филипче ќе направат увид на реновираното крило на Клиниката за ортопедија на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

Владината прес-служба најави дека по увидот се предвидени изјави за медиумите.