Прзедизвикани се штети кај винови лози и овошки од ниските мајски температури во општина Росоман.

Оваа информација ја потврди за МИА, росоманскиот градоначалник Ѓорѓи Крстевски.

„Точно е, има дел зафатено, особено ниските делови на територијата на општината. Ќе ја следиме ситуацијата. Првично, има поголеми штети кај лозови и овошни насади, во долните реони. Во меѓувреме, ја следиме ситуацијата. Во контакт сме сите, со советниците во Советот на Општината и претседателот, претседателот на комисијата за земјоделство. Ги известив и министерот и Министерството за земјоделство. Доколку се утврди дека има поголеми штети, на лице место, во понеделник ќе се свика општинската комисија за земјоделство и доколку има потреба, најбрзо што може ќе се формира комисија за проценка на штети на терен“, појасни градоначалникот.

Крстевски истакна дека не памети ова да се случило досега, да има штети кај виновите лози и овошките од ниски температури во месец мај.