Пари за реализација на проекти од патната и железничката инфраструктура, за изградба на магистрални гасоводи и интерконективни гасоводи со Грција и Косово, како и за здравството, образованието и земјоделството, се предвидени во Предлог-буџетот за 2022 година. Обезбедени се и пари за редовна исплата на плати, пензии и социјални трансфери.
Планирани се и средства за исплата на субвенции во земјоделството, за поддршка на приватниот сектор, за спроведување на активните мерки за вработување, а ќе се зголемат и средствата што ќе ги добијат општините согласно реформата за унапредување на фискалната децентрализација. За здравствена заштита планирани се средства во износ од 36 милијарди денари кои во најголем дел се наменети за финансирање на здравствените услуги, мерките за заштита од ковид пандемијата и достапност на лековите за населението. Не се изоставени и здравствените работници кои ќе добијат зголемување на платите за што се предвидени 700 милиони денари.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари (3,885 милијарди евра) или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари (4,4 милијарди евра) или 30,9 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 проценти повисоки од 2021, а кај расходите има зголемување за 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но тие се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година.
Дефицитот е на ниво од 33,5 милијари денари (545 милиони евра) или 4,3 проценти од БДП, а стапката на инфлација е проектирана на 2,4 проценти и се очекува во втората половина од годината веќе да се намали притисокот предизвикан од енергетската криза.
Капиталните расходи се проектирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се зголемени за 27 проценти во однос на 2021 година, а нивното учество во вкупните расходи е 14 проценти што претставува најголемо учество досега. Ова, според надлежните, е показател дека буџетот е развоен.
– Гледано наназад ова е историско најголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на вчерашната прес-конференција на која ги презентираше проекциите на Предлог-буџетот за 2022 година.
Дефицитот и отплатата на долгот од 11,6 милијарди денари (од кои надворешниот долг во износ од 6,1 милијарди денари и домашниот долг во износ од 5,5 милијарди денари) ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување при што, како што појасни Бесими, ќе се води сметка за оптимизација на трошоците за позајмување. Меѓу изворите за финансирање на дефицитот, првпат ќе се воведат нови инструменти како што се развојните, зелените, проектните обврзници и обврзниците индексирани со инфлацијата кои се дел од Планот за забрзан економски раст.
Проекциите за бруто инвестициите се дека тие ќе се зголемат за 8,5 проценти на реална основа, а потрошувачката за 3,1 процент. Се очекува да продолжи и трендот на зголемување на извозната активност на домашните компании која следната година би забележала раст од 8,3 проценти, а позитивни движења се очекуваат и на пазарот на труд каде бројот на вработени би бележел раст од 3,1 процент што би влијаело врз стапката на невработеност.
Очекувањата се дека Предлог-буџетот ќе биде донесен навреме и покрај новонастанатата политичка ситуација во земјава откако по завршувањето на локалните избори, премиерот Зоран Заев поради лошите изборни резултати даде оставка од функциите премиер и лидер на СДСМ.
– Предлог-буџетот е навреме усвоен во Владата и пратен во Собранието и не гледам причина зошто не би се донел навреме. Има најави и од најголемата опозициска партија дека ќе биде разгледан, истакна вчера Бесими, одговарајќи на новинарски прашања.
Буџетот е креиран врз основа на очекувањата за економските движења на глобално ниво, а посебно на Германија како наш најголем економски партнер. На глобално ниво се очекува следната година да се вратат стапките на раст од преткризното ниво. Растот на глобалната економија во 2021 година се очекува да достигне 5,9 проценти, а во 2022 година да изнесува 4,9 проценти, согласно октомвриските проекции на ММФ. За ЕУ, проектирана е стапка на раст од 5,1 процент за 2021 година и 4,4 роценти за 2022 година, додека за Германија како наш најзначаен трговски партнер се предвидува раст од 3,1 процент во 2021 и 4,6 проценти во 2022 година.