Бугарија и Македонија заедно да го слават како заедничка историја 9 и 10 август 1946 година – воведувањето на Културна автономија во Пиринска Македонија, предлага македонскиот активист, Атана Кирјаков од Благоевград (Горна Џумаја).

Овој предлог од Македонците во Бугарија доаѓа по инсистирањата на официјална Софија за заедничка историја со Македонија.

– Во духот на добрососедството и разбирањето, а по повод зачестените дискусии, односно Договорот за добрососедство и за тн. заедничка историја меѓу двете држави и двата народа(македонскиот и бугарскиот), мој предлог до двете држави и двата народа, до двете историски комисии (и другите пет новосоздадени работни комисии, како и до претседателите и премиерите на Бугарија и на Македонија), по долг период од 76 години, Бугарија и Македонија треба заедно да ги слават датумите 9 и 10 август 1946 година, предлага Кирјаков на својот профил на Фејсбук.

Тој натаму го образложува предлогот:

– На 9-10 август 1946 година во Софија, главниот град на Бугарија, се одржа Десеттиот пленум (Августовски), на кој беше одлучено дека во сите три дела има само еден македонски народ – Пиринска, Вардарска и Егејска Македонија. На 9-10 август 1946 е објавено воведување на културна автономија во Пиринска Македонија, отворање на македонски училишта во кои ќе се изучува македонскиот јазик, македонската историја и култура. Како резултат на тоа беа отворени Македонскиот театар, македонските книжарници и друго, пишува Кирјаков.

Во тој период, по ослободувањето од фашизмот, Македонците во Бугарија добиле училишта на македонски јазик, кој денес кога Бугарија е во ЕУ, не само што се негира, туку не се спроведуваат и многуте пресуди на Европскиот суд за човекови права во полза на Мекедонците од оваа земја.

(Д.Г.)