Американскиот претседател Доналд Трамп на самитот на Г-20 во Осака изјави дека сака да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во демилитаризираната зона на границата меѓу Јужна и Северна Кореја.

– По многу важни состаноци, вклучувајќи го и состанокот со претседателот на Кина, Си Џинпинг, заминувам од Јапонија во Јужна Кореја на средба со претседателот Мун. Додека сум таму, ако Ким, лидерот на Северна Кореја, го види ова, би сакал да се сретнеме на границата, да се ракуваме и поздравиме, порача Трамп на Твитер.

Пјонгјанг соопшти дека Трамп дал „многу интересен предлог“ за состанок.

– Го гледаме ова како многу интересен предлог, но сé уште не сме добиле официјално барање, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Чо Сон Хви.

Како што пренесе севернокорејската новинска агенција КЦНА, Чо порачал дека средбата ќе биде уште една значајна можност што ќе доведе до продлабочување на односите меѓу двајцата лидери и односите меѓу двете држави.