Денеска заедно со Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски во името на цела пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија ги поднесовме измените во Законот за ДДВ, објави на Фејсбук пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Предложените измени предвидуваат:
Прво, ослободување од ДДВ на производите за човечка исхрана.
Со оваа мерка цените на прехранбените производи ќе се намалат веднаш за 5%. Сметаме дека ова решение е неопходно по завршувањето на мерките со кои беа ограничени цените на прехранбените производи.
Со нашето предлог решение оставаме можност Владата сама да определи кои производи ќе бидат ослободени од ДДВ.
Второ, враќање на стапката на ДДВ на струјата на 5%, наместо најавените 18%.
Доколку не се ефектуира нашиот предлог, од 1 јули граѓаните ќе плаќаат сметки за струја за најмалку 8% повеќе.
Во моментов стапката на ДДВ е 10%, а од први јули ќе се зголеми на 18%.
Нашето барање ќе ја стабилизира цената на струјата за домаќинствата, која ќе биде пониска за цели 13%.
Ги охрабруваме пратениците на СДСМ и ДУИ да не ги слушаат своите раководства и час поскоро уште на утрешната седница да ги донесеме овие предлог измени во интерес на граѓаните, додава Стојаноски.