ПРЕДЛОЗИ ОД ВМРО-ДПМНЕ: Тим од четворица професионалци за министри во техничката влада 

/ 30.12.2019

ТВ Алфа ексклузивно објави дека ги дознавле предлозите кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави во техничката Влада.

За нов технички министер за труд и социјална политика ќе биде предложена д-р Рашела Мизрахи.

Рашела поседува импозантна биографија и докторска титула стекната во Универзитетот Бар Илан во Израел, каде станува доктор на науки по биохемија.

Таа била и првенец на генерација при Универзитетот СВ Кирил и Методиј Скопје.

Има остварено научно истражувачки дејности од повеќе области на Универзитети во Израел, Канада и Македонија, како што се: биохемија и молекуларна биологија на репродуктивни клетки, на катедра на проф. Хаим Браитбарт, Универзитет Бар Илан, Израел. Менаџмент на генетскиот потенцијал во Онтарио, Канада. Работела на институтот за истражување во кардиологија – Нјуфелд, Медицински Центар – Шива, Израел, како и на Физиологија на репродукција, лабораторија на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и повеќе други обуки.

Рашела Мизрахи работела како консултант на Глобален Фонд во рамки на програмата за Туберкулоза во Р.Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел, била и Асистент на катедрата за Физиологија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје. Рашела живее во Скопје и е мајка на едно дете.

За нов заменик министер за финансии ќе биде предложена Гордана Димитриеска Кочоска, која е Магистер по економски науки на Универзитетот Св Кирил и Методиј.

Поседува импресивна работна биографија од сферата на економското работење како и искуство од банкарскиот сектор. Моментално работи во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии. Претходно работела во Стопанска Банка, во Македонски Телеком во секторот на даноци, во Министерство за финансии во Секторот за јавен долг, а воедно во одреден период е и директор за финансии во ЕЛЕМ, во времето кога со оваа компанија управуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Гордана Димитриеска Кочоска поседува обуки, наобразби и меѓународни сертификати од повеќе области како што е анализа на финансиски извештаи, сметководствена аналитика, менаџирање , контрола и управување, завршила и Академија за контрола, во Менаџмент центар Белград, а лиценцирана од CA Akademie AG. Таа е сопруга и мајка на две деца.

За нов заменик министер за земјоделие ќе биде предложен Цветан Трипуновски кој е со огромно искуство од овој сектор.

Тој работеше во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како државен советник, а претходно од 2015та до 2017та година беше директор на Државниот земјоделски инспекторат. Во периодот од 2006та до 2008та година е прв човек на државната фитосанитарна лабораторија.

Од 2008та година до 2012та година беше и пратеник во Собранието на РМ, а моментално е и член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

По струка е дипломиран земјоделски инжињер, а моментално е и пост дипломец на Земјоделскиот Институт во Скопје. Оженет е и татко на две деца.

За нов заменик министер за информатичко општество и администрација ќе биде актуелната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска Стојковски.

Таа е магистер по Европско право и право на Европска Унија.

Претходно работела во секретаријатот за европски прашања и во Агенцијата за странски инвестиции каде што била координатор на економските промотори, и работела на привлекување странски инвестиции.

Има знаење и пракса од повеќе меѓународни обуки како што е работа на прашања поврзани со ООН, организирана од секторот за мултилатерала на МНР. Била ангажирана на националната програма за усвојување на правото на ЕУ, координација на ЕУ фондови и други обуки.

Сопруга и мајка на едно дете.


Од истата категорија