Најголемите политички партии од власта и опозицијата на неодамнешната лидерска средба се договорија да се одржат предвремени парламентарни избори во април в година, но останува отворено прашањето дали тие ќе се одржат по постојниот изборен модел или ќе се менува Изборниот законик.
Државната изборна комисија вели дека е подготвена да спроведе избори по кој било модел за кој ќе се договорат партиите. Граѓанските организации, пак, сметаат дека е потребна промена на моделот, но оти времето е кусо тоа да се направи пред овие избори.
Помалите политички партии и овој пат пред избори, како и повеќепати досега, го отворија прашањето за промена на изборниот модел со една изборна единица кој, како што сметаат, би овозможил еднакви шанси на изборите и за нив, а не само за поголемите партии.
Четирите најголеми политички субјекти во земјава имаат различни ставови во однос на изборниот модел. Владејачката СДСМ бара воведување една изборна единица со отворени листи, според ВМРО-ДПМНЕ граѓаните најдобро ќе бидат претставени со мнозински изборен модел, за ДУИ најдобар е системот со шест изборни единици, додека Алијанса за Албанците е за осум изборни единици.
Со оглед на различните ставови на политичките партии, очекувањата од евентуалните разговори за новите изборни правила не се многу големи. Поголема е веројатноста промените да се сведат исклучиво на имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР од последните изборни циклуси во земјава.
Голема е веројатноста амбициозно најавуваните промени на изборниот модел и за овие избори да останат само најава, со оглед на различните позиции на најголемите партии по ова прашање.
– Ние во предизборната кампања во 2016 година во нашата програма ветивме и стоиме на нашиот предлог нашата земја да биде една изборна единица, дури сме и да се оди чекор понатаму и да има отворени листи, вели потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири.
Но, со ваквиот став на СДСМ не се согласува нивниот коалициски партнер ДУИ, од каде што сметаат дека актуелниот изборен модел најдобро ги претставува граѓаните.
– За претставување на етничките заедници во една мултикултурна, мултиетничка држава како што е Република Македонија сметаме дека најдобра солуција, најдобар систем е со шесте изборни единици, затоа што обезбедува пропорционално застапување на сите заедници во Собранието, вели пратеникот на ДУИ, Артан Груби.
За ВМРО-ДПМНЕ, пак, најдобро е да има онолку изборни единици колку што има пратеници во Собранието, односно 120.
– Нашиот предлог е да ги вратиме пратениците таму од каде што доаѓаат и да одиме со еден систем што го имавме на почетокот на деведесеттите години. А тоа е 120 изборни единици по принципот на мнозински систем каков што имаат Велика Британија, Канада, САД, со плурално гласање. Оној што ќе добие во првиот круг најголем број гласови да стане пратеник, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
За разлика од овие предлози, опозициските партии од албанскиот етнички блок излегуваат со различен предлог за формирање осум изборни единици.
– Имаме предлог изборите да се организираат во осум изборни единици, во согласност со постојните развојни региони што ги имаме во државата. Сме за отворени листи кој било модел да се избере, вели Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.
ЛДП, како една од помалите политички партии, бара и инстистира до другите политички партии да се промени изборниот модел и да има една изборна единица без праг или, доколку нема консензус за тоа, постојниот модел од шест изборни единици да има отворени листи во рамките на шесте изборни единици.
Пратеничката од ДОМ и поранешна претседателка на партијата Лилјана Поповска најавува дебата на која ќе ги покани сите парламентарни партии и ќе побара да дадат зелено светло за инцијативата, наместо сегашните шест, да има една изборна единица. Таа е оптимист и вели дека ќе се најде политичка волја да се поднесе закон и измените да се донесат пред најавените предвремени парламентарни избори. Но, додава, би се одело со компромисно решение, измените, иако бидат донесени, да почнат да се спроведуваат не од претстојните, туку од следните парламентарни избори, со цел Државната изборна комисија и општинските комисии да ги организираат изборите според новиот модел.
ДИК нагласува дека е подготвена да ги спроведе и овие предвремени избори по кој било модел, па дури и оној со отворени изборни листи.
– Државната изборна комисија е подготвена да спроведе парламентарни избори по кој било модел за кој би бил постигнат договор меѓу политичките партии, вклучително и за модел со отворени изборни листи, изјави претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.
Ние, додаде тој, како институција сме подготвени. Функционираме континуирано и подготвени сме да го спроведеме она што ќе го договорат политичките партии.
Претседателот на ДИК потенцира и дека Избирачкиот список е во ред и оти во него нема т.н. фантомски гласачи.
– Тоа е материја што постојано и континуирано се чисти, прочистува и обработува. Како што ги добиваме податоците од МВР на квартално ниво, така ги обработуваме. Се разбира дека во список во кој има над 1,8 милион избирачи ќе може да се најде некоја недоследност, но сето тоа е сведено во една разумна рамка. Ние постојано работиме и во овој момент кога е празен период и нема избори работиме на прочистување на Избирачкиот список, рече Дерковски, одговарајќи на новинарски прашања пред презентацијата на извештајот за мониторингот на претседателските избори во 2019 година спроведен од страна на набљудувачи со попреченост.
Претседателот на ДИК истакна и дека како институција задолжена за спроведување на изборите доставиле и определени предлози согласно претходните препораки на ОБСЕ и ОДИХР за техничко подобрување на изборниот процес.
– Како тоа ќе се одвива понатаму ќе видиме, бидејќи и тоа зависи од договорот на политичките партии, рече Дерковски.
Во врска со гласањето на дијаспората, претседателот на ДИК вели дека како комисија би сакале да има промени, но во рамките на овозможување нови начини за гласање за, како што вели, да се заштедат финансиски средства.
Граѓанската асоцијација МОСТ смета дека треба да има унапредување на изборниот модел, но оти сега не е време тоа да се прави, со оглед на кусото време до закажаните предвремени избори.
Оттаму посочуваат дека веќе скоро 10 години се залагаат за унапредување на сегашниот изборен систем преку воведување преференцијално гласање, односно популарно наречено отворени листи, зашто сметаат дека овој модел има придобивки и за политичките партии и за граѓаните, а и за избраните функционери.
– Граѓаните ќе имаат поголема можност за избор, а политичките партии ќе бидат мотивирани да кандидираат кандидати кои ќе привлечат поголем број гласови. Избраните функционери ќе бидат помотивирани да ги исполнат своите ветувања доколку планираат да се кандидираат на следните избори. Што се однесува до моменталната дебата за промена на бројот на изборни единици, нашиот став е дека барем за следните избори ова прашање не треба да се отвора зашто, според Кодексот на добри практики за изборни прашања на Венецијанската комисија, клучните елементи на изборниот систем во кои спаѓа и промената на бројот на изборните единици не треба да се менуваат најмалку една година пред изборите. Што се однесува до воведувањето преференцијално гласање, тоа не претставува промена на моделот, зашто тој ќе остане ист, пропорционален, велат од МОСТ.
Во врска со тоа дали Државната изборна комисија би имала доволно време да спроведе избори по нов евентуален модел, од МОСТ посочуваат дека доколку Изборниот законик се измени до крајот на оваа година, ДИК ќе има на располагање околу месец и половина да ги направи потребните подготовки (гласачки ливчиња, записници, софтвер за резултати итн.) со цел да се спроведе ваквото гласање.
Славица Стефановска за МИА