Неделава, на 10 или 11 февруари, двете министерства за надворешни работи, на Македонија и на Бугарија, во Софија ќе ги продолжат разговорите на експертско ниво за политичкиот пакет прашања во обид за надминување на разликите меѓу двете земји.

Состаноците на работните групи, пак, кои беа формирани на заедничката меѓувладина седница што се одржа во Софија на 25-ти јануари, ќе продолжат со најавеното темпо – четири пати во месецот ќе се среќаваат делегции на двете земји за да разговараат за прашања од инфраструктурата, образованието, културата, евроинтеграциите, историјата…

Како што најави на брифингот со новинарите во саботата шефот на дипломатијата Бујар Османи,  преговорите продолжуваат преку комисиите, при што на 10-ти ќе се одржи состанок на Работната група за инфраструктура, на 14-ти Работната група за евроинтеграции, потоа на 21-ви Работната група за образование и на 28 февруари, состанок на Заедничката комисија за историски прашања, така што, вели тој, четири пати ќе разговараат за иднина, а еднаш за историја.

Шефот на дипломатијата оцени дека процесот на работа на комисијата е поврзан и со вкупниот политички амбиент меѓу државите, и оти очекувањата се дека со враќање на довербата меѓу двете држави ќе се охрабрат и тие да влезат во тој процес и според научни методологии да дојдат до заеднички наративи.

Копретседателот на Заедничката комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев, вчера во интервју за РСЕ, прашан за средбата со Ангел Димитров во Софија, вели дека „новиот ентузијазам повеќе се должи на динамиката на работата на Комисијата“. – Тука јас гледам дека можеби можеме да помогнеме, а како ќе течат работите во разговорите во самата комисијата тоа е веќе друго прашање, вели Ѓоргиев.

Во однос на црвените линии, Ѓоргиев вели дека постојат академски црвени линии во работата на Комисијата и дека тие точно знаат до каде може да одат во однос на тоа што е досега утврдено, каде треба да се сопре и околу што треба да се дебатира, додека декларациите усвоени од двете собранија само повеќе и наштетиле на работата на Комисијата.

За тоа дали бугарските колеги од Комисијата инсистираат на тоа дека заедничката историја подразбира дека Македонците до 1945 година биле Бугари, Ѓоргиев вели дека имале судир во однос на тоа и дека тој термин е употребен во Договорот во членот што зборува за историската комисија и не е дефинирано што се подразбира под таа синтагма заедничка историја.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пак, во петокот информираше дека македонска и бугарска делегација од ресорните министри за трансорт и туроператори од двете држави ќе бидат патници на првиот лет што треба да се реализира на 11-ти, месецов на релацијата Софија-Скопје. Компанијата „Гуливер“ е заинтересирана да го реализира летот,  а на оваа релација се очекува да има редовни летови во текот на следниот месец.

– На 10 февруари ќе имаме средба во Софија заедно со нашите тимови на Комисијата за транспорт и инфаструктура и на 11-ти веќе ќе се организира првиот лет од Софија за Скопје каде заедно со делегациите од нашата страна и министерот и туроператори од Бугарија ќе бидеме дел од тој лет заедно. На 11 февруари во Скопје ќе организираме заедничка средба со туроператорите од С. Македонија, каде што очекувам да се најдат сите поволности и можности и најдобри солуции за граѓаните, за во иднина оваа линија да биде операбилна и да може да оперира редовно на релација Софија – Скопје и секако уште една дестинација што ќе биде дополнителна можност за граѓаните, најави Бочварски.

 

Минатата седмица, со состанокот на Работната група за економија, трговија и иновации на претставници на Македонија и Бугарија, што се одржа во Скопје, почна и практичната примена на новиот пристап во односите меѓу двете земји, кои го најавија премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

Зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за секојдневниот живот на граѓаните на двете држави и на тој начин топење на мразот околу потешките прашања е нешто што Ковачевски и Петков го промовираа и во Скопје и во Софија, на меѓувладината седница, а кое треба во крајна линија да доведе до компромис за спорот и тргање на бугарското вето за почеток на преговори на Македонија со Европската Унија.

Двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Планирано е секоја недела состанок да одржува една од овие групи, кои секоја во својата сфера ќе придонесе за зајакнување на соработката меѓу двете земји.