Зборот е збор и треба да се одржува, изјави премиерот Зоран Заев по неуспешната средба со лидерот на Алтеранатива Африм Гаши и најави дека утре, на седници на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ, ќе се констатира неговата оставка и ќе почне постапката за избор на нов партиски лидер.
За утре, исто така, и Гаши најави дека партиските органи на Алтернатива ќе дискутираат дали ќе останат во опозиција или ќе ја прифатат поканата за членство во владата за да се истурка целиот мандат до 2024 година.
На средбата со Гаши во петокот, Заев дојде со заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, кој е член на извршниот одбор на СДСМ. Викендов тој не сакаше да коментира за медиумите дали ќе се кандидира на внатрепартиските избори во СДСМ и дали се гледа себеси како иден мандатар, туку рече дека учествувал во разговорите со Гаши со цел да се обезбеди мнозинство кое ќе ја води земјата напред.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не сака да ја коментира најавата на Заев дека утре и официјално ќе поднесе оставка. Вели, премиерот често ги менува ставовите и секој коментар во овој момент не би имал некакво значење. За тоа кој ќе го наследи, Мицкоски вели дека е работа за која треба да си одлучи СДСМ.
Одговарајќи на новинарско прашање по петочната средба со Гаши, Заев кажа дека за разлика од други политичари тој стои на зборот за оставка и од премиерската и од лидерската функција во партија.
За утре, како што рече Заев, ќе побара да се свика Извршен и Централен одбор на СДСМ на кој ќе ја даде неговата оставка, а потоа партијата треба да организира избори за нов лидер. Смета дека има време да се избере претседател на партијата кој потоа како мандатар ќе предложи нова Влада.
-Зборот е збор и треба да се одржува. Во демократијата се поднесува одговорност кога ќе изгубите и јас ја преземам одговорноста и сакам да оставам шанса на сите наши прогресивни граѓани… Убеден сум дека сум оставил свои впечатоци, но носам и горчина со мене затоа што не можам да сфатам како Карпош, најинформиран, најупатен, еден дел од највисоката интелигенција на земјава, вака да одлучи. Значи почит спрема секој, но не можам да ги сфатам работите и за Град Скопје, кога ја имате лагата апсолутно споделена и како тоа никому не му е значајно, рече Заев во петокот.
Тој додаде дека „доцниме 30 години од неносење на политички одлуки во минатото и од политички калкулации“. Заев, како што е веќе познато, еднаш даде оставки на функциите, па се попишмани и вети ново парламентарно мнозинство, а сега повторно се враќа на активирање на оставката.