Премиерот Зоран Заев вчера замина на зимски одмор и скијање во Германија, каде што како што е соопштено од неговиот кабинет, ќе се релаксира и ќе ги надминува стресовите по заокружувањето на процесот со уставните измени за спроведување на Преспанскиот договор.
Овие информации се објавени од владината прес-служба дури откако вчера косовскиот премиер Рамуш Харадинај на социјалните мрежи објави заедничка фотографија со Заев, на која се фотографирани лежерно во џемпер и кошула, пред знамињата на Република Македонија и Косово.
По интересирањето на новинарите од кога премиерот Заев е заминат во Приштина и со каква цел, од таму е одговорено дека тој низ Косово транзитирал на пат во Германија.
Со Харадинај се сретнал неформално на аеродромот во Приштина, каде чекал лет за Германија, а Заев како што е соопштено имал слободни денови за зимски одмор.
Неговиот одмор ќе трае цела недела, а како што е објавено покрај Германија, планира да посети и други локации. Лани Заев беше на скијање во познатиот италијански туристички центар Вал Гардена.
Харадинај вчера со објавената фотографија со Заев напиша:
– Се сретнав денеска со мојот хомолог од Република Северна Македонија, Зоран Заев, кому му честитав за успешното заокружување на Преспанскиот договор, кој ѝ гарантира на соседната држава јасна евроатлантска перспектива. Косово останува посветено на градењето на еден стабилен регион и во тој правец односите со официјално Скопје се одлични, напиша Харадинај.