Бугарија прифати да го користи скратеното име С. Македонија, подеднакво како и долгото име РС Македонија и нема да ја кочи употребата на тоа име во меѓународни процеси, за што ги известила и Обединетите нации. С. Македонија пак со вербална нота до ОН потврди дека користењето на краткото име нема никаква импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија.
Ова го соопштија на денешната заедничка прес-конференција во Скопје, премиерите на Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков.
– Отстранувањето на прашањето за краткото име С. Македонија од масата на разговори преку ваков усогласен и пријателски однос со двете страни за мене претставува прв голем чекор во ова наше ново поглавје. Ваквите чекори влеваат оптимизам за иднината. Ваквите чекори водат кон посилно поврзување и кон поголема соработка помеѓу двете држави и помеѓу двата народи, изјави премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека со Петков си дале збор да ја искористат новата енергија и преку нов пристап базиран на заемна почит да ги унапредуваат односите помеѓу двете земји.
– И јас и тој имаме иста заедничка цел да создадеме услови за подобра иднина на граѓаните на РС Македонија и Бугарија. Оваа денешна посета на колегата Петков коинцидира со 30-годишнината од признавањето на Република Бугарија на нашата земја под уставното име. Бугарија е прва која не призна и направи пријателски чин во исклучително сложени политички услови. Триесет години подоцна отвораме еден нов прозорец на соработка кој веруваме дека ќе резултира со нов пријателски и добрососедски чин, поддршка за нашата евроинтеграција, рече Ковачевски.
Тој потенцира дека Македонија и Бугарија се две блиски соседни држави, а Македонците и Бугарите се два блиски и пријателски народи, додавајќи дека затоа денеска како двајца премиери на две многу блиски држави се согласиле на интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина.
Ковачевски најави дека следно што треба да се направи е да се финализира договорот за прекугранична соработка за периодот 2022 – 2029 година и оти најзначаен проект од оваа област е отворањето на граничниот премин Клепало со што ќе се олеснат движењата, транспортот и трговијата. Тој најави и дека за една недела на 25 јануари ќе биде одржана седница на двете влади на која ќе бидат договорени и други конкретни чекори за унапредување на соработката во различни области и сектори.
– Ќе се формираат работни групи коишто ќе работат на конкретни проекти на зајакнување на соработката и на воспоставување на поголема доверба и на градење на односи коишто ќе значат попросперитетна иднина. Овие групи ќе работат заедно и ќе предложат заеднички проекти и активности, рече Ковачевски.
Бугарскиот премиер од своја страна, изјави дека денеска со Ковачевски имале добар и пријателски разговор и оти се согласни добрососедството на двете земји да се качи на уште повисоко ниво.
– Многу сум среќен што можам да кажам дека оттука натаму добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати. Јас многу се радувам за напредокот што беше постигнат денеска и што можам мирно да кажам С. Македонија, рече Петков.
Тој најави дека за два месеци реалност ќе биде и авиолинијата Скопје-Софија, како уште еден чекор напред во унапредување на соработката.
– Денеска јасно изјавуваме дека линијата Софија – Скопје ќе биде реалност. За она за што се ангажираме е дека за 30 дена ќе имаме точни специфики, а за 60 дена таа линија ќе биде воведена во функција. Така што, кога ќе почнеме да работиме со точни резултати и кога ќе даваме можност на народите од двете земји да можат слободно да патуваат, слободно да прават бизнис, рече Петков.
Тој нагласи дека со неговиот колега Ковачевски се согласни и натаму да продолжи брзината со која се движат работите со цел постојано унапредување на односите и добрососедството.
Дека тоа така ќе продолжи, потенцира Петков, говори и фактот што наскоро, веќе на 25 јануари ќе се одржи и седница на двете влади, а најави дека потоа секоја седмица една од групите ќе се состанува со јасни цели и јасни резултати. На тој начин, вели Петков, ќе им покажеме на двата народа од двете земји дека добрососедството се мери практично, а не само на ниво на политички изјави.
Скопје и Софија договорија формирање работни групи од повеќе области
Премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков денеска договорија да се формираат работни групи кои ќе бидат од повеќе области – инфраструктура, економија, трговија, деловната соработка меѓу бизнис заедниците, образование, култура, а тука ќе биде вклучена и Комисија за историски и образовни прашања.
– Со премиерот Петков денеска доминантно разговаравме за воспоставување на работни групи, во областа на инфраструктурата, економијата, трговијата, иновациите, евроинтеграциите и во областа на образованието и културата. Сметаме дека тоа се области кои значат многу повеќе за граѓаните, за нивната иднина за граѓаните од сите возрасти посебно за младите. Тие се направени како меѓуресорски работни групи во кои нема да учествуваат само политичари, туку ќе учествуваат и претставници на секторите за кои се однесуваат, посочи Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со бугарскиот премиер Петков.
Ова, како што информира Ковачевски, се области во коишто планираат да имаат динамика која ќе биде дури на седумдневно ниво, каде работните групи ќе работат помеѓу себе и ќе можат самите да ја информираат јавноста за тоа што е постигнато и што може да очекуваат во иднина.
Во однос на историската Комисија, како што информира Ковачевски, таа веќе има свој план за работа и врз основа на тоа што го имаат сработено и историчарите кои се членови на таа комисија, како што рече, ќе треба самите да информираат во однос на тоа што и на кој начин договориле врз основа на методологијата и фактите на кои работат.
– Што се однесува до Историската комисија гледате дека овде нема претставници на Историската комисија. Значи, историчарите работат во еден подолг процес, бидејќи се работи сега и за период во минатото којшто тоа го прават врз основа на методологија и врз основа на дефинирање на одредени факти што ги имаат регулирано согласно со методологијата и јас лично се надевам дека прво, членовите на историската Комисија ќе информираат заеднички за тоа што е договорено и дека тоа што заеднички е договорено ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото, вели Ковачевски.
Во однос на употребата на јазиците, Ковачевски нагласи дека ние сме држава која е признаена од страна на Бугарија и која во своето уставно уредување го има македонскиот јазик.
– Ние имаме веќе потпишано билатерални договори со Бугарија во кои се регулира начинот на кој се потпишани тие договори, согласно официјалните јазици на државите. Нашиот македонски јазик е дел од повелбата на ОН и од другите мултилатерални институции и организации во кои ние членуваме и дека согласно со напредокот во работата на комисиите дека во делот на прашањата кои значат подобар живот за сите граѓани и зближување на сите граѓани од двете држави дека сите овие прашања кои се однесуваат на историските делови дека ќе бидат во втор план, а во прв план ќе дојде градењето на добри односи меѓу граѓаните, во зближувањето на граѓаните како и во зајакнување на соработката меѓу нив што ќе ни даде доволен стимул и доволно аргументи да го направиме финалниот исчекор во постигнување на договор со Бугарија и конечно отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, нагласи Ковачевски.
Ковачевски и Петков одржаа пленарен состанок во присуство на делегациите од двете земји
Во рамки на официјалната посета на делегацијата од Република Бугарија, во Владата претпладнево се одржа пленарен состанок на премиерите на Македонија, Димитар Ковачевски и на Бугарија, Кирил Петков, заедно со членовите на двете влади.
-На пленарниот состанок на владините делегации од двете држави се дискутираше за важноста од реализација на проектите во насока на подобрување на состојбата во конкретни области меѓу двете земји за што министрите на двете влади ги презентираа нивните заклучоци од билатералните средби, соопшти владината прес-служба.
Активностите на Ковачевски и Петков по пленарниот состанок продлжија со заедничка прес-конференција.