Пратеникот Љупчо Пренџов смета дека начинот на кој се однесуваме кон жените во политиката говори многу за демократската зрелост на едно општество.
-Во Варшава, на средбата организирана од ОБСЕ/ОДИХР, разговаравме токму за улогата на мажите во унапредувањето на еднаквото учество на жените во политиката. Мислам дека една работа мора јасно да ја кажеме: не е доволно да поддржуваме еднаквост во говорите, декларациите и документите. Таа треба да се препознава во нашето секојдневно политичко однесување. Кога жените се соочуваат со навреди, дискриминација, потценување или обиди да бидат обесхрабрени, одговорноста не е само нивна да се справат со тоа. Одговорност имаме и ние, мажите. Особено оние што имаат позиција, влијание и можност да ги менуваат работите, напиша Пренџов на Фејсбук.
Посочува дека за него, поддршката не значи привилегирање, туку еднаква можност, еднаков простор и еднакво право гласот на секој човек да биде слушнат и почитуван.
-Затоа што политиката не може да биде доволно добра ако во неа нема простор за способноста, знаењето и лидерството на сите. Не е доволно да кажеме дека сакаме промена. Треба да бидеме подготвени и самите да ја направиме, нагласи тој.




