Јас се уште не сум го видел законот, утрово можеби е стигнат во Собранието. Затоа не можам да коментирам што пишува во законот. Јас едноставно од овие луѓе што и да ви пратат и да ви кажат или пак да ви најават што има во законот не им верувам ништо. Бидејќи искуството покажува дека најголем дел она што го кажуваат од власта е само една фасада, една завеса, а во позадина се случуваат други работи, истакна пратеникот Љупчо Пренџов во утринската емисија на ТВ Алфа говорејќи за законот за амнестија.

Пренџов укажа дека власта тоа што вели дека во затворите нема место, е лага. Власта дрско лаже.

-Владата дрско лаже. Зошто? Затоа што ако се сеќавате во 2017-та година само што дојдоа на власт, во очи на локалните избори тие вака под превезот на вакви слични закончиња во Собранието ги пуштија и кажаа тогаш дека исто вака нема место, нема услови. Но, во суштина тоа значеше да повеќе од 1.000 луѓе се пуштат на улица. И секој од оние луѓе што биле во затвор, да има договор да работи за СДС или ДУИ за тие локални избори, потсети пратеникот Пренџов.

Тој додаде дека ако сега се прашаат тие луѓе тие ќе одговорат да работеле за СДС и ДУИ во текот на локалните избори во 2017-та година бидејќи ги ослободиле од затвор.

-Доколку од власта сакаа за овие седум години да направат реновирање на затворите, тоа можеа да го направат. И да биде иронијата уште поголема тие веќе имаат одобрено кредит ама за вистинско реновирање и проширување на затворските капацитети во Република Македонија и кој што е од десетици милиони евра. И еве веќе повеќе од година дена немаат повлечено ниту една транша. Значи пари за реновирање и проширување на капацитетите има, кредит има, а власта не ги реновира и не ги проширува, рече тој.

Пратеникот посочи дека власта не ги проширува капацитетите по затворите и не ги реновира бидејќи и одговара да средствата за реновирање стојат и не се употребуваат со цел да ослободат криминалци кои ќе им работат за изборите.

-Тоа е веќе многу провидно, бидејќи се случува втор пат за 5-6 години. И е многу провидно, граѓаните веќе ја забележаа намерата на власт, рече Пренџов.