Државната изборна комисија првите конечни неофицијални резултати од десеттите парламентарни избори ги објави безмалку 24 часа по затворање на гласачките места.
По ваквиот преседан, политичките партии наместо за можниот состав на новата Влада на постизборните прес-конференции повеќе зборуваа за нерегуларности и грешки, како и можни приговори.
Според пресметките на СДСМ разликата во корист на Коалицијата Можеме е најмалку три мандати.
– Според податоците на изборниот компјутерски центар на СДСМ, разликата во корист на коалицијата Можеме изнесува најмалку три мандати, а во податоците презентирани од страна на ДИК забележани се сериозни недостатоци и грешки кои може да даваат неточна слика за конечниот резултат, соопшти вчера Социјалдемократскиот сојуз.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера најави дека правна комисија на партијата работи на евентуални приговори за кои има рок од 72 часа да се достават до Комисијата.
Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, објави дека по барање на ВМРО-ДПМНЕ, ДИК повторно ги пребројува резултатите од записниците, се со цел да се отстранат сите можности за било какви неправилности во однос на резултатите од изборите.
– Во моментов сите опции се отворени, и по завршувањето на пребројување ќе ги соопштиме нашите следни чекори, објави на фејсбук Јанушев.
Претседателот на Алијансата на Албанците, Зиадин Села, изрази длабока загриженост и негодување за, како што вели, игрите што се играат со необјавување на резултатите од изборите.
– Има многу информации од теренот кои не одговараат на резултатите објавени од Државната изборна комисија до раните часови утринава. Има многу сомнителни резултати на многу избирачки места. Имаше сериозни обиди, но и активности насочени кон отуѓување на волјата на граѓаните. Нашиот заеднички штаб пријави десетици вакви случаи до релевантни тела, но и до релевантни меѓународни институции, објави на својот Фејсбук профил Села.
Истовремено тој најави дека Изборниот штаб на коалицијата „Сега е време”, по официјалните резултати ќе поднесе приговори, поткрпени со, како што вели, факти и докази за конкретни изборни нерегуралности.
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев рече дека партијата е оштетена за минимум околу 10 илјади гласа и дека им се украдени, како што рече, тројца пратеници, во изборните единици 1, 2 и 4.
– Она што најмногу загрижува е тоа што има најмалку 80 000 гласови кои се несоодветни. Според нашиот аналитички центар, не кореспондираат електонските записници со хартиените записници. На овој начин, ние сме искрадени по 30-40 гласа во урбани средини по избирачко место, а пратениците кои „висат“ во овие три изборни единици се за 200 до 600. Тоа значи дека доколку не беа овие изборни нерегуларности ние ќе имавме чисти плус тројца пратеници. Сега засега имаме двајца пратеници чисти. Се прави максимален обид од СДС да ни го земат и вториот пратеник во Третата изборна единица, кој е чист како солза. Ќе дадеме максимум од себе да дојдеме барем до тројца пратеници, рече Апасиев.
Тој рече дека ќе поднесат приговор во законскиот рок од 48 часа, а најави и кривични пријави против членовите на ДИК зашто ова е, рече, „невиден скандал во досегашната изборна историја“.
Од Македонска конзервативна партија – ИНТЕГРА, која не освои пратенички мандат, побараа да се направи увид во неважечките гласачки ливчиња со цел да се расчистат сомнежите.
Претседателот на партијата Љупчо Ристевски, побара државните органи да ги расчистат сериозните сомневања во јавноста и да понудат материјални докази за кредибилноста на изборниот процес, бидејќи како што посочи е доволен аргумент дури и да се поништат изборите.
Демократскиот сојуз оценува дека вчерашните предвремени парламентарни избори беа фер и демократски, без насилства, со висока излезност во специфични здравствени услови, при што граѓаните можеа слободно да ја искажат својата определба и гласаа мирно и достоинствено, определувајќи се за Европска Македонија.