Германски суд пресуди дека 10 еко-активисти од организацијата „Последна генерација“ ќе треба да платат отштета во износ од над 400.000 евра поради штетите предизвикани од акцијата при која го блокираа аеродромот во Хамбург, пренесе радиото „Дојчланд рундфунк“.

Дополнително, тие ќе треба да ги покријат и судските трошоци кои изнесуваат близу 700.000 евра.

Износот што активистите се осудени да го платат покрива обесштетување на патниците, пропуштена добивка на авиокомпаниите и друго.

На 13 јули 2023 година, еко-активистите успеале да ја прескокнат оградата на аеродромот во Хамбург, а четворица од нив се залепија на една од пистите. Според извештаите на некои медиуми, поради нивните дејствија биле откажани 57 летови. Во акцијата учествуваа четири жени и шест мажи на возраст меѓу 19 и 63 години.

Судскиот процес го покрена авиокомпанијата „Јуроуингс“ (Eurowings) во име на „Луфтханза груп“ (Lufthansa Group).

Одлуката на Окружниот суд во Хамбург не е конечна и може да биде обжалена.