Претседателот Иванов вчера вечер во Аман беше прогласен за почесен член на „Советот за светски прашања”, независна научна институција која се занимава со прашања од интернационален карактер.
Пред членовите на Советот, македонскиот претседател одржа предавање на тема: „Балканот, Кавказот и Блискиот Исток: Бермудскиот триаголник на Европа”.
Во своето предавање, македонскиот претседател порача дека многу иницијативи, проекти и преговори кои биле наменети за регионите на Балканот, Кавказот и Блискиот Исток пропаднале, нагласувајќи дека во овие региони живеат многу етнички, јазични и религиски групи. Според македонскиот претседател овие се места каде што се испреплетуваат и каде што се допираат поранешните империи, со што настанувале и конфилкти.
-Но каде што биле империите, таму се создавал и отворен простор. Луѓето немале граници и затоа најчесто тие го користиле целиот простор. Балканот е врската меѓу Европа и Блискиот Исток, рече Иванов.
Историјата, според него, покажала дека овие регионите живееле во релативен мир и благосостојба, во време кога се дел од отворен простор и затоа е потребна интеграцијата.
-Кој комуницира тој се интегрира, кој не комуницира тој се гетоизира и му требаат непријатели. Меѓу Балканот, Кавказот и Блискиот исток за време на империите немало граници. Луѓето слободно можеле да комуницираат да се запознаваат и меѓусебе да тргуваат, истакна македонскиот претседател.
Иванов во своето предавање потсети дека и Македонија е домаќин на Светските конференции за дијалог меѓу религиите и цивилизациите и порача дека нашата држава е голем поддржувач и активен учесник во Алијансата на цивилизациите, чија мисија е да промовира дијалог.
Претходно, претседателот Иванов го посети Бирото за дизајн и развој на Кралот Абдула Втори.
Со предавањето во Советот за светски прашања во Аман, претседателот Иванов ја заврши официјалната посета на Хашемитското Кралство Јордан, за време на која со највисоки државни и воени почести беше примен од Кралот Абдула Втори Ибн Ал Хусеин, а оствари средби и со јорданскиот премиер, д-р Омар Разар, со претседателот на Сенатот, г. Фаисал Ел-Фајез и со спикерот на Претставничкиот дом Атеф Таравнех.