Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Ерменија, со седиште во Софија, Цовинар Хамбарџумиан.

На свечената церемонија, таа го искажа своето задоволство од именувањето на новата амбасадорка, непосредно пред нејзиното учество на Самитот на Европската политичка заедница во Ереван, истакнувајќи дека се работи за прва посета на македонски претседател на Република Ерменија и почеток на нова ера во меѓусебните односи.

Таа потенцираше дека македонско-ерменските односи се втемелени врз заложбите за мир, прогрес и благосостојба.

Според неа, во време кога знаењето, иновациите, вештачката интелигенција и дигитализацијата се најважните двигатели на развојот, географската оддалеченост сè помалку е ограничувачки фактор за интензивна соработка во областа на науката, економијата, образованието, културата, туризмот.

Новоименуваната амбасадорка Хамбарџумиан ги оцени македонско- ерменските односи како успешни, заради втемеленоста на меѓусебно почитување, споделени вредности и заедничка посветеност на дијалог, стабилност и меѓународна соработка.

Таа изрази подготвеност за личен придонес во подобрувањето на политичкиот дијалог, продлабочување на економската, културната, како и на соработката во сите области од взаемен интерес.

Обете препознаваат потенцијал за интензивирање на трговските врски, најпрво, преку креирање соодветна правна рамка, а потем и преку организирање други форми на соработка како бизнис-форуми, средби на стопанските комори, заеднички проекти, чија цел се инвестициите и обостраниот бенефит.

Претседателката го поздрави учеството на двете земји во програмата Еразмус+, како цврста основа за поттикнување на академската соработка и размената на студенти меѓу универзитетите.

Во свет на растечка мултиполарност, двете сметаат дека на малите и средни држави им одговара мултилатерализмот во решавањето на бројните искушенија и предизвици со коишто сме соочени.