Претседателот на Шри Ланка Готабаја Раџапакса одлучи да се повлече од функцијата на 13 јули, објави денеска парламентарниот спикер Махинда Јапа Абејвардена.

Соопштението е објавено откако демонстрантите побараа од претседателот и премиерот да поднесат оставка. Тие упаднаа во резиденцијата и канцеларијата на претседателот и ја запалија приватната резиденција на премиерот.

Гневот на демонстрантите е поттикнат од најтешката економска криза во историјата на земјата, која со месеци се соочува со рестрикции на струја и горива, а недостигаат и храна и лекови, а сето тоа е надополнето со инфлација која во моментов изнесува 30 проценти.

По целодневните немири на улиците на главниот град Коломбо, оставки понудија и претседателот Готабаја Раџапакса, и премиерот Викремесинге, откако армијата претходно успеа и двајцата да ги евакуира на безбедни локации.

Причина за економската криза според владата е Ковид пандемијата, која најтешко го погоди туристичкиот сектор, главниот двигател на економијата во земјата, како и неколкуте терористички напади врз цркви во 2019 година.