Претседателот на државата Стево Пендаровски во придружба на сопругата Елизабета Ѓоргиевска, престојува во еднодневна работна посета на Албанија, во општините Пустец и Поградец.
Тоа е една од обврските на шефот на државата, да се грижи и за македонското малцинство во соседните и други земји. Ако е ова добар пример на Пендаровски, треба да го продолжи и да ги посети и Македонците во Бугарија, како и Македонците во Грција, двете членки на ЕУ, каде што, по дефиниција, се остварени и се на највисок степен правата и слободата на луѓето. Но…
Пендаровски во Пустец е пречекан од неговиот албански колега Бајрам Бегај и градоначалникот Пали Колефски.
Шефот на државата присуствуваше на културно-уметничка програма во изведба на уметници од Пустец, по што оствари средба со локалните власти и ја посети црквата Св.„Архангел Михаил“.
Во агендата е и посета на училиштето во оваа општина по што се најавени изјави за медиуми од двајцата претседатели.
Пендаровски ќе го посети и селото Голомбок и ќе се сретне со претставници на Здружението на Македонците од Албанија „Сонце“, а подоцна ќе замине во Поградец каде исто така ќе има средба со локалните власти.
Инаку, во последно време, со издавање бугарски пасоши и други инструменти, Бугарија врши силен притисок, освен врз Македонците во Македонија и врз Македонците во Албанија и во Косово, за нивна бугаризација.