Отец Ивица ТОДОРОВ
Завидливоста, нељубовното споредување со различниот, со другиот, е онаа духовно – мисловно – емотивна лизгалица која еден ангел – светлоносец го излизга кон демон – темноносец. И така тој отпадна од ПАТОТ на постоењето според Бог и во Бог!
Ти беше помазан херувим за да осенува, и Јас те поставив за тоа; ти беше светата Божја гора, одеше среде огнени камења. Ти беше совршен во патиштата твои, од денот кога беше создаден, се додека не се најде во тебе беззаконие!
(Језекил. 28, 14-15).
Гордоста, како болна и лажовна духовно – мисловно – емотивна состојба е првиот горчлив и отровен плод на завидливоста – затоа што баш гордоста ја пополнува онаа празнина кога некој решава да не биде тоа што Е, туку избира да биде тоа што не Е!
Вистината за отсаството на вистинскиот „СЕБЕ“ или „ЈАС“ ја пополнува ЛАГАТА која ја одржува илузијата дека „СМЕ“, кога навистина „НЕ СМЕ“! И затоа горделивците се НАДМЕНИ, се наметнуваат над другите, за на тој начин да го одбранат и маскираат своето НИШТО!
Се разбира, овој процес на МАСКИРАЊЕ не е можен без СУЕТАТА, односно, без желбата за манипулација, заведување, извртување, па и отворено и дрско лажење!
Овие болни процеси, овие горчливи и отровни плодови на инфекцијата со ЗЛОТО од нас црпат многу енергија, едноставно го сушат нашиот живот!
Па затоа, личностите во кои прогресирал овој процес на инфекција со ЗЛОТО лесно запаѓаат во духовно, мисловни, емотивни вртлози кои дополнително им го „трујат“ животот, но и ги „трујат“ и животите на луѓето околу нив !
Лицемерието е еден од најсуровите плодови од инфекција со ЗЛОТО!
Тоа се препознава како двоен живот, како дупло дно, како иницијација во темните и патолошки демонски свери! Како она познатото „Лицем светци – срцем волци“; „Мед на уста, отров во срце“!
И сета оваа болест духовна може да се излечи, но излекувањето започнува со смирената љубовна искреност во која ЗАВИДЛИВЕЦОТ, ГОРДЕЛИВЕЦОТ, СУЕТНИОТ и ЛИЦЕМЕРОТ сам на вистинскиот СЕБЕ СИ мора да си признае и да прифати дека е ПРАЗНИНА, дека е НИШТО, дека е самозалажување, дека е измама, дека е ОТСТАПУВАЊЕ ОД ПАТОТ на постоењето!
Не случајно Христос своите блаженства, своите патокази на ПАТОТ кон ЦАРСТВОТО БОЖЈО ги започнува со овој патоказ:
„Блажени се сиромашните по дух, зашто нивно е царството небесно!“
(Матеј. 5, 3)/




