Заевизмот ја поскапи електричната енергија за граѓаните. Ова поскапување е колку две нови сметки на годишно ниво. Ете каков катастрофален удар на стандардот предизвика заевизмот во Македонија.
Ова се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
– Електричната енергија освен базичното поскапување, дополнително поскапува и по основ на укинувањето на евтината дневна тарифа. Оттука вкупното поскапување изнесува над 15 отсто. Ова значи дека едно семејство кое плаќало по 2.000 денари месечно за електрична енергија ќе плаќа сега по 2300 денари плус ДДВ. Ако се земе предвид дека намалената стапка на ДДВ ќе се враќа етапно во текот на следната година ударот по семејниот буџет ќе биде уште поголем. Уште полошо поминуваат компаниите кои набавуваа електрична енергија на слободниот пазар. Тие денес плаќаат неколку кратно повисока цена и се на работ на егзистенцијата. Оваа новогодишна честитка која пионот Ковачевски и заевизмот му ја испорачаа на народот. Народот со поскапувањето на струјата од свој џеб ја плаќаат неспособноста, неодговорноста и криминалните тендери на власта, се вели во соопштението.
Да потсетиме, се додава во соопштението, дека од август 2020 година до денес цената на струјата кумулативно порасна за околу 40 отсто. За една и пол година!
– Најпрво летото 2020 година струјата поскапи 7,5%, потоа летото 2021-ва уште нови 12,5%, за сега над 15%. Поскапување на поскапување и дојдовме до околу 40 отсто. Да биде уште потрагично и покрај сите овие поскапувања МЕПСО и ЕЛЕМ се претворија во загубари. ЕЛЕМ има рекордно најниско ниво на произведена домашна струја, нема доволно јаглен и акумулациите се празни, а МЕПСО нелегално влече струја од европската мрежа. Ете до кое дереџе го донесе заевизмот енергетскиот систем во Македонија. За ова мора да има одговорност, се наведува во соопштението од опозициската партија.