Почнувајќи од денеска, па во наредните четири денови, ќе се одржат бројни содржини од културен карактер, во рамките на програмата Денови на македонска култура во Шибеник.
-Невладината организација Хрватско-македонска тангента на јавноста ќе и понуди вистинско книжевно, музичко и ликовно уживање. Отворањето ќе се случи на 2 септември во Музејот на град Шибеник со промоција на книгата „Дострели на една визија“ од авторите Сашо Георгиевски и амбасадорот Љупчо Арсовски. На отварањето се очекува и доаѓање на македонскиот амбасадор од Загреб, проф. д-р Милаим Фетаи, како и директорката на КИЦ од Загреб, проф. д-р Наталија Поповска, информираат од Македонски глас од Хрватска.
Добитник на високото признание „Пријател на Македонија“, што Тангентата го доделува во знак на благодарност за долгогодишна соработка и искрена подршка во широк дијапазон на активности кои се однесуваат на приближување и пријателство на Хрватска и Македонија во доменот на културата, уметноста, стопанството и политиката е третиот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, кој воедно е и почесен член на Хрватско-македонска тангента, а ќе биде доделено истата вечер.
-По двегодишна пауза поради пандемијата со Ковид-19, Хрватско-македонска тангента се враќа на Зларин. Имено, утре повторно на островот Зларин е планирано да се одржи културната манифестација „Од остров на копно, кон остров на море“. Настанот е од меѓународен карактер и на едно место ги собира книжевници, публицисти и новинари, а планирани се гости од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и други земји од регионот. Со тоа, Хрватско-македонска тангента ја продолжува традицијата на одржување на овие меѓународни средби на Зларин што ја воспостави во 2014 година, се вели во соопштението.
Во него се додава дека во изминатите две пандемиски години е одржан континуитетот на овие книжевни средби кои се организираа во рамките на Деновите на македонска култура во Шибеник.
По тој повод од Скопје ќе допатуваат проф. д-р Иван Додовски, декан на Факултетот за политички науки на универзитетот Американ колеџ Скопје и Владимир Симоновски, вајар. На Зларин ќе биде одржано и предавање од познатиот метеоролог Момчило Живковиќ, директор на Sewa weather од Белград, на тема „Клима и море“.
На 4 септември се планирани книжевни разговори, а на 5-ти во градската библиотека „Јурај Шижгориќ“ во Шибеник ќе се одржи предавање на проф. д-р Слободан Черовиќ, декан на Универзитетот Сингидунум во Белград на тема „Улога и значење на човечкиот капитал во современиот туризам и угостителство“. Истиот ден, во галеријата на библиотеката ќе биде отворена изложба на сплитскиот Македонец, Зоран Стоилов „Тангано плавон“.
Деновите на македонската култура во Шибеник се одржуваат во соработка и со финансиска подршка од Советот за национални малцинства на РХ, Град Шибеник и туристичките заедници на Град Шибеник и Зларин.