Конфликтот во Украина, намалување на последиците од кризата, енергетската безбедност, како и безбедноста на храна и вода се главни приоритети во претседавањето на Република Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во Виена претставувајќи ги приоритетите на нашето претседавање со Организацијата рече дека прелиминарните приоритетни цели се на линија на принципите и заложбите на ОБСЕ и дека истите имаат повеќекратна цел – да ги рефлектираат нашите интереси, да одразат континуитет на редовните приоритети на ОБСЕ, но и истовремено да соодветствуваат и одговараат на денешната сложена геополитичка констелација на односите.

– Претседавањето предиспонира лидерство и ние ќе се погрижиме да ја истражиме секоја авенија што води до консензус. Сепак, решенијата и напредокот зависат од сите нас. Единствениот пат напред е да се потпреме на ефективна мултилатералност водени од решенија, засновани на почитување на основните принципи кои лежат во срцето на нашата организација. Ние ќе се фокусираме на нашата цел: правење разлика на теренот, спроведување на нашите обврски и обнова на стабилноста преку враќање на дијалогот, рече Османи.

Најголемиот предизвик со кој повторно е соочен светот рече тој, е конфликтот во Украина, а ОБСЕ, како што рече, е во очи на бурата на тековната агресија на една држава учесничка над друга.

– Агресијата на Руската Федерација против Украина е неоправдана и погрешна. Тоа е флагрантно кршење на Повелбата на ОН, основните премиси на меѓународното право, а пред сè вредностите на хуманоста. Оваа војна ги нагризува и темелите на ОБСЕ, чија визија како центар на меѓуконтинентална безбедносна соработка, е сериозно тестирана. Како претседавач со организацијата во 2023 година конфликтот во Украина и намалување на далекусежните последиците од кризата ќе биде наш висок приоритет, нагласи Османи.

Покрај продолжувањето на активностите на ОБСЕ во Украина, не треба да се заборави, вели тој, дека има тензии и на други места во регионот на ОБСЕ кои исто така предизвикуваат голема загриженост, а организацијата треба да остане ангажирана низ регионите во потрага по мир.

– Веќе повеќе од шест месеци се избираше сила наместо дипломатија. Духовите на историјата ја зазедоа мултилатералната сцена, доминирајќи на глобалните агенди, истовремено оптоварувајќи ја работата на меѓународните организации. И нашите, во ОБСЕ. Во оваа сложена позадина, С. Македонија треба да го преземе претседавањето во 2023 година, рече Османи.

Тој нагласи дека рамковните приоритети се подготвени во корелација со актуелната политичка слика и треба да ги одразат општиот интерес на Организацијата во време на криза. Тие произлегуваат од концептот на севкупна безбедност на Организацијата и се осврнуваат на тематски целини поврзани со традиционалниот корпус прашања што се провлекуваат во агендата на ОБСЕ низ годините: замрзнатите конфликти, нивната превенцијата, менаџирање и трансформација. Понатаму, теми поврзани со економијата и животната средина, дигитализацијата, климатските промени како и тие кои произлегуваат од хуманата димензија на ОБСЕ, со цел зајакната промоција на човековите права и слободи, доброто владеење, родовата еднаквост и младинските политики.

– Промоцијата на придобивките од нашиот модел на функционална мултиетничка демократија ќе биде дел од приоритетната рамка на претседавањето, нагласи Османи образложувајќи ја рамковната платформа на претседавањето во 2023 година пред амбасадорите.

Во 2023 година, нагласи тој, Македонија ќе обезбеди политичко раководство на ОБСЕ, стремејќи се да придонесе во процесите за поголема стабилност клучни за севкупната европска безбедност. Ќе бидеме решителни и будни, но реални и ќе се потпреме на нашето искуство во управувањето со различни предизвици. Нашите тимови нема да штедат напори да го исполнат доверениот мандат. Тие ќе бидат отворени и приемчиви за предлозите кои имаат за цел да ја унапредат улогата на ОБСЕ во ублажувањето на кризата и нејзините предвоени капацитети во промовирањето на демократијата, човековите права и основните слободи, порача Османи.

Имено, како што кажа тој, енергетската безбедност во нашите приоритети е поддржана и од членките на ОБСЕ.

– Вклучувањето на енергетската безбедност во приоритетите на претседавањето на РС Македонија со ОБСЕ во 2023 година е навремена одлука што ја поддржуваат земјите учеснички, изјави Османи.

Основна карактеристика на ОБСЕ, подвлече тој, е сеопфатниот пристап на безбедноста. Со руската агресија во Украина, според него, излезе на површина улогата на енергијата и изворите на енергија во одржување на безбедноста.

– Улогата на претседавачот е да ја наметне темата и да ја насочи организацијата кон наоѓање решение. Едногласно е размислувањето дека вклучувањето на енергетската безбедност во приоритетите на РС Македонија е навремена одлука што ја поддржуваат земјите учеснички, изјави Османи на новинарско прашање на онлајн прес-конференцијата по своето излагање пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, претставувајќи ги приоритетите на нашето претседавање со организацијата во 2023 година.

Во однос на најавите дека Република Македонија за време на своето претседавање ќе го покаже и својот пример на мултиетничка демократија и дали во моментов тоа сакаат да го слушнат нашите први соседи, Османи вели дека нашата земја е уникатен модел кој може да се извезува како референтен модел и пример.

– Сигурно дека С. Македонија ќе даде свој специфичен придонес во текот на претседавањето, освен општиот придонес. Од земја корисник на услугите на ОБСЕ денес станува земја која претседава со најголемата регионална безбедносна организација. Ние како корисници, најдобро ги знаеме бенефитите од услугите кои ги дава организацијата. Специфичниот карактер на нашата функционална мултиетничка демократија како уникатен модел сигурно дека може да се експортира како референтен модел и како пример, нагласи Османи.

Претседавање во 2023 година, според него, е голем успех за земјата и повтори дека ќе се одвива на линија на принципите, вредностите и заложбите на Организацијата.

– Ова е голем успех за С. Македонија, уште поголем за нашата дипломатија. ОБСЕ е најголемата безбедносно политичка организација која се простира на три континенти и во која членуваат 57 земји – членки. Нејзиното значење ние на Балканот добро го знаеме, носејќи со себе благодарноста кон Организацијата при превенција на бројните конфликти во нашето соседство. Стоиме заедно, рамо до рамо со нашите партнери, но овојпат со нова улога. Од земја – корисник на механизмите на ОБСЕ стануваме нејзин Претседавач и тоа во време кога Организацијата е соочена со најголемиот предизвик од своето постоење кое под знак прашање го става и самото нејзиното постоење. Честа е голема, а обврските уште поголеми. Довербата ни ја дале 56 земји – членки, наше е да ја оправдаме. Нека ни е со среќа, порача Османи.

Македонија го презема претседавањето во 2023 година од Полска, а согласно утврдениот формат, оваа година претседава со Медитеранската група партнери на ОБСЕ.