Министрите за надворешни работи  на Полска, Летонија, Литванија и заменик-министерот за европски прашања на Естонија, во својство на претставници на групата земји членки на ЕУ „Пријателите на проширувањето“, денеска се сретнаа со шефот на дипломатијата Никола Димитров и истакнаа дека ја поддржуваат Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

Министерот за надворешни работи на Полска Јацек Чапутович на заедничката прес-конференција истакна дека ги ценат напорите што ги преземаат македонските власти во спроведувањето на реформите.

– Се надевам дека ЕУ наскоро ќе почне преговори за членство на С. Македонија и Албанија. Го цениме учеството на С. Македонија во Берлинскиот процес минатата година. Полска претседаваше со овој процес чија цел е да даде поддршка  на европската интеграција на земјите од овој регион, рече Чапутович.

Тој изрази надеж дека за неколку недели Македонија ќе се приклучи кон НАТО.

– Обезбедувањето на членството во овие институции, ЕУ и НАТО е особено важно затоа нашите четири земји се подготвени да го споделат своето искуство во процесот на преговори со ЕУ, но и за тоа како да се справите со безбедносните ризици кои произлегуваат од други надворешни актери. Има една етичка димензија на членството на земјите од регионот во ЕУ. Сметаме дека ЕУ им должи на овие земји одлука да ги прими во ЕУ, тоа е долг кон општеството, кон граѓаните, но тука е и безбедносната димензија и има и други актери вон ЕУ  кои се активни во регионот, па така одлука за почеток на преговори ќе го спречи негативното влијание, рече Чапутович.

Министерот Димитров информира дека Полска, Летонија, Литванија и Естонија се членки, дел од т.н. група „Пријатели на проширувањето“ и тука се за да ни дадат, како што рече, поддршка и јасен сигнал.

 

– Доаѓаат два дена по објавувањето на ажурираниот краток или како што ние го нарекуваме мини Извештај на Комисијата. Европската комисија  кажа дека ние испорачавме, дека не само што продолживме, туку и ги зголемивме реформските напори и испорачавме опипливи и одржливи реформски резултати. Претходно, Комисијата предложи нова методологија за тоа како ќе се спроведува процесот на пристапување. И мислам дека овие два столба се одлична основа конечно да има испорака и од страна на ЕУ, една јасна, недвосмислена, опиплива, одржлива одлука за пристапни преговори, нагласи Димитров.

Министрите за надворешни работи од вчера се во посета на земјава, во својство на претставници на групата земји членки на ЕУ „Пријателите на проширувањето“ и синоќа беа примени и од претседателот на државата Стево Пендаровски.