- Според истражувањата Окијар и Ататурк заедно учеле во битолската воена гимназија во периодот од 1894 до 1897 година и веројатно заедно го продолжуваат образованието во воената академија во Истанбул. Првите десетина години, и двајцата извршуваат воени функции, бидејќи се уште се воделе војни во тој период на Балканот. Окијар во 1913 бил амбасадор во Бугарија, а во тој период Кемал Ататаурк бил воено аташе во амбасадата
Точно пред 75 години, во мај, во Истанбул, со високи воени и државни почести е погребан турскиот државник, Али Фетхи Окијар, кој два пати бил премиер, министер за внатрешни работи, за правда, амбасадор во Бугарија, Франција во Велика Британија. И близок соработник на таткото на модерна Турција – Мустафа Кемал Атататурк.
Тоа се факти, но малку е познато дека Окијар е роден прилепчанец.
Кој е всушност прилепчанецот кој станува голем турски државник, раскажува историчарот Рубин Белчески од прилепскиот Завод и музеј.
Малку се знае за Али Фетхи Окијар. Роден е во Прилеп 1880 година (на 29 април). Првите години од детството ги поминал во родниот град. Од детството или пак во кое прилепско маало ги поминал детските години, засега нема податок. Побаравме и во прилепскиот архив, но не е евидентиран никаков податок. Историчарот Белчески има само, вели, укажувања на старите прилепчани. Сепак приказната почнува да се развива.
– Дојдов до сознанија кои укажуваат на тоа дека по Мустафа Кемал Ататаурк, Окијар бил втор човек во новата држава Турција. Поминал голем број воени и државнички функции. Дојдов до податоци дека: петпати бил пратеник во турскиот парламент, министер за внатрешни работи, за правда и, што е најважно, на двапати премиер на Република Турција, а кога Мустафа Кемал Ататурк бил претседател на Турција, Окијар бил претседател на турското народно собрание, вели Белчески.
А кога се среќава со Мустафа Кемал Ататурк?
– Според истражувањата Окијар и Ататурк заедно учеле во битолската воена гимназија во периодот од 1894 до 1897 година и веројатно заедно го продолжуваат образованието во воената академија во Истанбул. Првите десетина години, и двајцата извршуваат воени функции, бидејќи се уште се воделе војни во тој период на Балканот. Окијар во 1913 бил амбасадор во Бугарија, а во тој период Кемал Ататаурк бил воено аташе во амбасадата, раскажува Белчески.
Кога во 1923 година, Кемал Ататаурк станува претседател на Турција, Окијар го заменува на претседателското место на народното собрание. Подоцна бил и амбасадор на Република Турција во Франција и во Велика Британија.
Бидејќи Кемал Ататарук имал голема доверба во Окијар, и за да го намали влијанието на опозицијата, Окијар, по сугестија на Ататурк, формирал партија и станува популарен. Подоцна партијата се укинува. Во периодот од 1939 до 1941 година е министер за правда на Турција. Потоа се повлекол поради здравствени причини. На 7 мај 1943 година починал во Истанбул и бил погребан со воени и државнички почести.
– Според моите размислувања и правејќи паралели со функциите на Кемал Атататурк, буквално биле големи соработници и Окијар го следел Атататурк во државничките функции. Едноставно се надополнувале во функциите, забележува историчарот Белчески.
Академикот и писател Луан Старова во својата книга „Потрага по Елен Лајбовиц“, бележејќи го животот на својот татко, посебно, вели, неговите таинствени цариградски години, потврдува дека Окијар е вујко, по, мајчина линија, на неговиот татко и, родум од Прилеп. Станува близок соработник на идниот „татко“ на современа Турција, Кемал Ататурк и заедно ги бијат битките да ја изградат Република Турција врз дотогашната Отоманска Империја.
..„ Татковото заминување во Цариград во пролетта на 1919 година, во согласност со корените на неговата мајка, мојата баба Азбие Ханума, кадиска ќерка на турска рода од Прилеп, прва братучеда на идниот премиер на Ататуркова Турција, Фетхи Беј Окијар, остануваше најтаинствениот период од неговиот живот“, посочува академик Старова во својата книга „потрага по Елен Лајбовиц“ за славниот роднина Окијар.
Старова во друг дел, додава:
…„Татко ми раскажуваше за својата младост, за своите студии во Цариград, кога се разминува отоманската Империја и новата Ататуркова Турција, во која неговиот вујко Фетхи беј Окијар (родум од Прилеп) беше првиот премиер на Ататурковата Република Турција.“…„ Татковиот вујко Фетхи Беј Окијар имаше несомнено удел како близок пријател на Мустафа Кемал Атататурк, двапати како премиер во неговите влади, како претседател на Парламентот на Турција, како претседател на Либералната партија која ја означи мултипартиската демократија во Турција, како амбасадор во Франција и во Велика Британија и верен соборец во сите пресудни битки во создавањето на новата турска држава врз урнатините на Отоманската Империја“… „Татковото заминување во Цариград во пролетта на 1919 година, во согласност со корените на неговата мајка, мојата баба Азбие Ханума, кадиска ќерка на турска рода од Прилеп, прва братучеда на идниот премиер на Ататуркова Турција, Фетхи Беј Окијар, остануваше најтаинствениот период од неговиот живот“, посочува академик Старова во својата книга „потрага по Елен Лајбовиц“ за славниот роднина Окијар.
Старова, во своето истражување на корените наидува на фотографии во Париз каде Окиајр бил амбасадор во француската престолнина. На една фотографија, бил облечен во амбасадорска свечена облека. На друга, пак, на која стоел датум од 30 август 1930 година, сликан е Окијар со назнака како министер на Турција.
Старова споменува дека во 70-ите години од минатиот век, синот на Окијар, професор Осман сакал да го исполни аманетот на татка си, да се сретне со внукот и да го посети родниот татков град Прилеп.
Ова не е целата приказна за прилепчанецот Фетхи Окијар, славниот турски државник, близок соработник со децении на Мустафа Кемал Ататурк. Се уште треба да се раскажат неговите животни нитки, особено за, барем детските години во Прилеп, оти сознанието за корените ја отвора густо напишаната животна книга. Оваа приказна е започната, и како најголемиот број животни патешествија, и треба уште раскажување.
– За споменот на прилепчанецот Али Фетхи Окијар треба да се направи повеќе, смета историчарот Рубин Белчески.
Да се истакне неговото значење, да се продлабочи соработката со Турција, па и да има спомен соба како Кемал Атататурк во Битола.