Претседателот на Тунис, Каис Саид разреши 57 судии, обвинувајќи ги за наводна „корупција и заштита на терористите“.

Како што јавуваат странските агенции, Саид спроведува чистка откако претходно оваа година ја презеде контролата врз судството и другите гранки на власта.

Во телевизиското обраќање во средата, Саид рече дека „дава можности и предупредувања за судството да се прочисти“, а неколку часа подоцна службениот весник издаде указ со кој ги објави отпуштањата.

Меѓу отпуштените е и Јусеф Бузакер, поранешниот претседател на Врховниот судски совет, чии членови Саид ги смени оваа година кога ја презеде контролата врз судството.

Советот дејствуваше како главен гарант за независноста на судството од револуцијата во Тунис во 2011 година, која воведе демократија, а промените на Саид предизвикаа обвинувања за мешање во судскиот систем.

Минатото лето, тој ја распушти владата и ја презеде извршната власт, потег што неговите противници го нарекоа државен удар, пред да го укине уставот од 2014 година за да владее со декрети и да го распушти избраниот парламент, а независната изборна комисија ја замени со онаа што самиот ја постави.

Саид рече дека неговите потези се потребни за да се спаси Тунис од кризата, а исто така најави дека овој месец ќе донесе нов устав кој ќе биде ставен на референдум во јули.

За корупцијата општо и конкретно во правосудството во Македонија често се говори.

– Корупција, толку често го слушаме зборот што веќе стравувам дека ќе го загуби и значењето. Има долгорочни последици што ги ограничуваат шансите за успех на една земја, истакна неодамна Кејт Мери Брнз, амбасадорка на САД во Македонија на регионалниот форум „Борбата против корупција: Западен Балкан во фокусот“, што се одржа неодамна во Скопје.

Тогаш амбасадорката Брнз во своето излагање посочи:

– Научивме дека граѓаните некогаш не можат да добијат на пример извод од матична книга на родени без да потплатат. И ова е корупција, и тоа е погрешно и штетно. Тоа е корупција што го забавува напредокот. Борбата против корупцијата е едно од основните човекови права, а од оваа година и судството ќе биде вклучено. Во С. Македонија на пример има голем притисок врз судиите, и сето ова може да биде индикатор за корупција и во најдобар случај може да го направи судскиот систем подложен на корупција. САД инвестирале многу во судскиот систем во С. Македонија за да ги затвори овие ранливи точки и сакаме да видиме дека нашите инвестиции се исплатливи со судски систем што е правичен за сите, порача Брнз.

Кога станува збор за корупцијата во судството сосема спротивен став има претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев:

– Јас сметам дека граѓаните се корумпирани и никој не пишува за тоа, изјави неодамна Џолев, во врска со корупцијата во судството.

Напротив, смета Џолев, судството треба да се пофали.

-Зошто не се фалиме за тоа колку предмети сме завршиле? Во пандемијата во Грција се беше затворено, немаше судења. Овде не само што имаше, туку Основниот кривичен суд натфрли во бројот на решени предмети во споредба со минатата година. Каде се медиумите да пофалат, запраша претседателот на Кривичниот суд.