Војводата од Единбург повторно е виден како вози нов Ленд Ровер и тоа без заштитен појас само два дена откако учествуваше во сообраќајка во близина на Сандрингем во Норфлок. Фотографии објавија Дејли мејл и Сан на кои се гледа како принцот Филип (97) управува возило на имотот во Сандрингем.

Новиот модел на Фрилендер во кој принцот е виден на местото на возачот, е испорачан во петокот.

Принцот Филип беше повреден во сообраќајка во четвртокот откако се судри со автомобил Киа. Две жени во тоа возило се здобија со повреди.

Познатиот ТВ водител Џереми Кларксон им се придружи на Британците кои го повикуваат принцот Филип да се откаже од возење.

– Секогаш ни зборуваат дека постарите возачи се подобри, поискусни и посигурни од помладите, но ми се чини дека тоа и не е баш така, напиша тој.

Сообраќајката поттикна на социјални мрежи расправа за тоа дали стари лица треба да управуваат возило. Според британски закон, возачи постари од 70 години мора да поминат систематски преглед пред да продолжат возачка дозвола.