Триесет милиони денари ќе потроши градот Скопје за набавка на нов мебел, фотелји, бироа, плакари за потребите на администрацијата и кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.
Многу симптоматично е што се крати од капитални проекти како изградба на канализации, улици, не се инвестира во нови училишта, а се инвестираат веднаш 30 милиони денари за нов мебел, истакнаа од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија.
-На Скопје му недостасува нова канализација во Шуто Оризари, Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, а се трошат итно пола милион евра за нов мебел. Исто така индикативно е што на СДСМ и Шилегов му сметаше набавка на нов блиндиран автомобил „мерцедес“, а сега не им смета набавка на мебел од пола милион евра, истакнаа советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов со новиот ребаланс ќе потроши над 80 илјади евра за пропаганда и Пи-Ар.
-На Скопје му требаат паметни проекти, но новиот ребаланс не е тоа. Како ќе привлекувате туристи а кратите пари за туристичкото биро, се фалевте со нови електрични автобуси, а не предвидувате ниту еден денар во буџетот, а најпосле дури 85 илјади евра ќе вложите за пропаганда и фалење. Вложете ги тие пари за нов луна парк кој што го блокиравте и не го градите, истакна советничката Јелена Жугиќ.