Пратеникот на Социјалдемократската партија (ПСД) во косовското Собрание, Фрашер Красниќи објави дека Преговарачкиот тим на Косово за дијалогот со Србија ангажирал двајца истакнати експерти од Велика Британија, кои треба да помогна во изготвувањето платформа за преговорите со Белград, јави МИА од Приштина.
Според Красниќи, станува збор за Бен Емерсон, истакнат адвокат, кој бил известувач во Обединетите нации за борбата против тероризмот и Марк Велер, професор на Универзитетот во Кембриџ, со големо искуство во посредување во меѓународни спорови.
Објавата на Красниќи уследи по извештаите во приштинските медиуми дека во косовскиот преговарачки тим се вклучени роднини на двајцата копретседатели на тимот, Шпенд Ахмети, кој е лидер на ПСД, и на вицепремиерот и лидер на владејачката Социјалдемократска иницијатива (Нисма), Фатмир Лимај.
– Преговарачкиот тим за создавање Државна платформа ангажира некои од најдобрите домашни и меѓународни експерти, меѓу кои и Марк Велер и Бен Емерсон. Неточна е, злонамерна и бескрупулозна тенденција за споредување на административниот тим на нашата екипа со експертите на Србија, напиша Красниќи на својот Фејсбук.
Тој го заклучува коментарот со забелешката дека „нема место за загриженост“ за составот на тимот за преговори со Белград.
– Најдобрите домашни и меѓународни експерти ќе ги има Косово, само немојте да очекувате и возачите и асистентите да бидат меѓународни експерти, порача Красниќи.