Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција велат дека мерката притвор за сите осомничени е побарана поради опасност од бегство, влијание врз сведоците и повторување на делото. Велат активно се работи на истрагата а засега е рано да се одговори дали ќе има нејзино проширување.

Зад решетки заврши и командирот на прилепската полиција Кире Спиркоски, како дел од групата која полицијата ја уапси во близина на селото Раец во обид да ја пренесе марихуаната. А од опозициската ВМРО ДПМНЕ денеска излегоа со тврдење дека еден од приведени во акцијата е Александар Ушилковски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, но и дека пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола која според партијата е директно поврзана со фамилијата Заеви.