Привремениот премиер на Либија Абдул Хамид Дбеибе денеска ја објави својата кандидатура за иден претседател на земјата.
Дбеибе се кандидираше и покрај тоа што вети дека нема да го стори тоа, бидејќи тоа беше услов за преземање на сегашната позиција, пренесува Мина.
Покрај Дбеибе, претседателска кандидатура поднесе и поранешниот либиски министер за внатрешни работи Фати Башага, кој рече дека неговата политичка платформа се базира на изградба на нова Либија, заснована на правда, почитување на човековите права и пазарна економија.
На изборите се кандидираа и синот на соборениот либиски лидер Моамер Гадафи, Сеиф ел Ислам Гадафи, командантот на „Либиската национална армија“, Калифа Хифтар и влијателниот претседател на либискиот парламент Агила Салех.
Изборите ќе се одржат на 24 декември во атмосфера на повремени судири меѓу вооружените групи, длабок јаз меѓу истокот и западот на земјата и присуството на илјадници странски борци и војници, наведуваат странски медиуми.