Талибанското Министерство за промоција на доблеста и спречување на пороците ги повика авганистанските телевизии да престанат да емитуваат серии во кои учествуваат жени, како дел од новите „верски упатства“ објавени вчера.

„Телевизиите треба да избегнуваат прикажување фељтони и романтични серии со жени“, се вели во документот на Министерството до медиумите.

Истовремено, од новинарките се бара да носат исламски превез на телевизија, без да наведат дали станува збор за шамија што жените вообичаено ја носат на авганистанската телевизија или за превез што им го покрива најголемиот дел од лицето.

– Ова не се прописи, туку религиозни упатства, изјави портпаролот на министерството Хакиф Мохаџир.

На авганистанските телевизии, исто така, им е упатен повик да се воздржат од програми кои „се судираат со исламските и авганистанските вредности“, како и од оние што ја навредуваат религијата или „го прикажуваат пророкот и неговите другари“.

Ова е првпат Министерството да се обиде да воведе правила за авганистанската телевизија откако Талибанците ја презедоа власта во средината на август.